Од претходното поглавје може да се утврди континуитетот помеѓу мезолитската и неолитската култура на Средно Подунавје и на Централниот Балкан, каде носители биле Еолските племиња (Македонци, Лапити, Мимијци, Тиројци и Флегијци) и Егејската култура. Тие припаѓаат на Скитско-прасловенските племиња, кои, со инвазијата од север, во состав на индоевропските миграции (може да се следат полињата со урни од Панинија) предизвикале процеси на преселби, прегрупирања, дезинтеграција и распад на старите заедници и нови симбиози. Дошло до мешање на јазици, обичаи и култури. Од овој период на Балканскиот Полуостров се појавуваат нови големи етнички групи. Во источните делови се Тракијците кои не се предмет на овие истражувања. Во јужните се Дорците, кои посебно беа елаборирани. Во Централиот и Западниот Балкан се Скитите кои на западниот полуостров се именувани Илири.
Херодот1 навел дека Скитите своето потекло го врзуваат едни за Зевс, други за Херакле. Македонската династија Аргеада од Орестида го истакнувала своето потекло од Херакле, за разлика од Првата и Втората македонска династија кои своето потекло го поврзувале за богот Озирис и за богот Зевс. Тоа биле митолошки царства во Македонија.Многу автори, антички и современи, се обидуваат да ја решат вечната енигма за потеклото на јазикот на Александар Македонски.
1 Херодот, Историја, IV, 1-142, V, 9, Матица Српска, Београд, 1988.
Генеза на Македонците
Плутарх (46-120 година по Христа) од Херонија во Беотија, последен значаен грчки писател, во својата позната книга „Напоредни животописи“2 наведува дека „и Александар Македонски по татко бил потомок Хераклев преку Каран, а по мајка Еаков, преку Неоптелем, бил прифатен без поговори“.
2 Plutarchus, Vitae parallelae (прев. Успоредни животописи), III, 1, 2, Загреб, 1988.
Веќе изнесовме дека историчарот Теопомп (380 година пред Христа) во делото „Историја на Филип II Македонски – Филипика“ истакнал дека Карен во осмото колено е потомок на Херакловиот правнук Темен, кој се преселил од Арг во Орестида (Рупишта) во Едеса (Воден).
Тоа го потврдувааат и подоцнежните историчари. Така на пример, Урлих Вилкен (1862-1944) во својата книга „Александар Велики“3, која е означена како ремек-дело на интерпретирање на историјата, наведува дека Александар Македонски-Велики по татко потекнува од Херакле.
3 Urlich Wilcken Alexander der Grosse, Leipzig, 1931.
Од нашите историчари, Папазоглу Ф.,4 пишува дека Александар Македонски по традиција сметал дека „од таткова страна потекнува од Херакле“, и дека „… од мајчина страна е Еакид (потомците Ахилееви владееле со Епир).“ Ќе се обидеме со историски аргументи да ја објасниме енигмата. Во митологијата,5 татко на Херакле бил Зевс, а негова мајка Алкмена, ќерка на кралот Електрион од Микена, од династијата Данаиди, колонисти од Египет. Роден е и одраснал во Теба кај кралот Креонт, по потекло од феникијските колонисти. Во знак на благодарност поради укажаната Хераклева помош во војната на Тебанците против Минијците на Орхомен, кралот Креонт му ја дал на херојот својата ќерка Мегара за жена. Мегара на Херакле му родила осум синови, кој тој, во настап на лудило, ги усмртил со стрели.
Поради тоа, Херакле е протеран од Теба и отишол во Делфи да побара совет што да прави. Свештеничката Питија му советувала да оди во Тиринт на Пелопонез и дванаесет години да му служи на неговиот роднина Евристеј и да направи дванаесет јуначки дела. Бидејќи кралот Евристеј не сакал да го признае Херакловото убиство на Лернејската Хидра и чистењето на Авгиините штали, му задал потешки задачи, далеку во земјата на Хиперборејците. Задачите биле да ја фати Керинската кошута, да го донесе познатото Гериновото стадо од Еритеја, Хеспедирините јаболки на божицата Хера и да го доведе песот Кербер од Тартар.
4 Папазоглу, Ф., Историја на Хеленизмот, Наука и друштво, Београд, 1995, 70
5 Херодот, Историја, IV, 8-10, Матица Српска, Београд, 1988.
Многу поети, писатели, митолози и историчари се бавеле со „феноменот“ на Херакле, од Хомер6, Диодор Сиц., Ератостен, Аполодор, итн. па сė до денес, Грејвс, Дехарме, итн.
6 Хомер, Илијада и одисеја, XII, 98, Нови Сад, 1985. (прев. М.Н. Ѓуриѓ).
Митолозите, Хераклевите авантури ги категоризираат во два дела. На Арголитскиот мит, од каде потекнуваат неговите родители и каде направил пет јуначки дела: убиство на Немејскиот лав; уништување на хидрата од Лерна; фаќање на Ериманската дива свијња; чистење на Авгиивите штали и протерување на Стимфалските птичурини.
Вториот дел е Тебанскиот мит за Херакле, каде тој се родил, одраснал и тргнал да ги остварува останатите подвизи. Негов правец на движење во непознатиот и загадочен свет на Хиперборејците, каде Херакле требало да ја фати Керинејската кошута, ни го дава неговиот сограѓанин од феникијската Теба, Пиндар.
Пела
Пиндар (Пиндарос) роден е во Теба (околу 522-422 година пред Христа), најголем хорски лиричар на своето време. Од 17 книги со негови песни, во потполност се сочувани само 4 победнички песни (Епиники), испеани за победниците во спортските натпревари во Олимпија, во Питија и др. Книгие се пишувани на епско-еолско-дорски јазик. Во делото Олимпија7, Пиндар изнесува дека Херакле една година бил во потера на Керинејската кошута, која се сокрила во Керинејските брда, далеку на север до реката Истра и земјата на Хиперборејците и побегнала преку реката Кладон.8 Истиот автор понатаму изнесува дека Херакле не можел да го најде патот до земјата на Хесперидите и решил да тргне на север. Во Македонија, на бреговите на Ехедора, го сретнал Ариевиот син Кикан, кого во двобој го убил. Откако преминал во Илирија, дошол до реката Еридана и тука ги сретнал речните нимфи, Зевсовите и Темидините ќерки.
7 Пиндар, Olumpia, III, 26 и понатаму
8 Apollodori, Bibliotheca (I-II пред Христа), II, 5
Кога Херакле стигнал во земјата Хилеја, ја здогледал убавата кралица на оваа земја Ехидна, која на јунакот му ја признала кражбата на коњите, но не сакала да му ги врати сė додека тој не се согласи да се соедни со неа.
Скитското потекло на Македонците од Херакле
Од таа љубов се родил и Скит и, според Херодот,9 „од овој Хераклев син потекнуваат сите скитски кралеви…“ Од изложеното може да се заклучи дека ономастиката во митот за Херакле одговара на хоронимите, топонимите и хидронимите на географските имиња во Македонија и во Србија денес.
9 Херодот, Историја, IV, 8-10, Матица Српска, Београд, 1988.
Митското име за Македонија е сегашното име и етноним Република Македонија. Зборот ’хипербореја’ значи земја северно од македонските планини Бореи (Ворас-Ниџе-Кајмакчалан). Реката Ехедор (значи ’да чува подарок’) има современо грчко име Галикос, а на македонски истата смила ја има Вар-дар (чувар на дарови-подароци). Хрономиот Хилеја во превод значи Шумадија. Кери-нејски брда – тоа се многубројни топоними во североисточна Србија каде буквата ’к’ е прилагодена во ’ц’, како што се: селото Церије, Церијанската пештера, пештерите Царе-мошња, Царе-тина на бреговите на Дунав, итн. И митографот Грејвс10 пушува „the Ceryneian Hind“. Кладон е рекичката Кладуша, па оттука и селото Кладушница и градот Кладово. Хидронимот Еридан е митско име за реката Сава. Кај Сенц пишува:11 „прекрасна река, која северозападно од гората Рипеон тече, вливајќи се во Океан.“ Зборот ’океанот’ се однесува на Панонското море, додека Рипеон на планината Авала, во чии источни падини постои селото Рипањ.
10 Grevs, R.: The Greek Myths, Penguin Books, II, p. 110, Middlessex, 1972
11 Senc, St.: Grčko-Hrvatski rječnik, s. 408, Kr. Zemaljska tiskara, Zagreb, 1910.
Каран, Темен, Пердика – скитски потомци
Со ова до сега го објаснивме Плутарховото12 кажување дека „и Александар Македонски по татко бил потомок Хераклев преку Каран,“, на кое се надоврзува Теопомп: …„а Каран во осмо колено е потомк на Хераклевиот правнук Темен“. Следи Тукидид13, „Сегашната Македонија на море ја стекнал најпрво Александар (495-452 година пред Христа), Пердикин татко и неговите претци Темениците, кои од старина потекнуваат од Арг и станале кралеви протерувајќи ги, после бојот, од Пиерија Пиерините… од Ботија Ботијаните… од Еордеја Еордејците… Тие Македонци ги совладаа и останатите племиња, кои уште и сега ги држат во власт… и голем дел од земјата на самите Македонци. Сето ова заедно се вика Македонија…“ На македонски јазик, зборот ’Каран’ значи ’фален, пофален’, додека зборот ’темен’ значи ’нивен’ или ’челник’.
12 Plutarchus, Vitae parallelae (prev. Usporedni životopisi), III, 1, 2, Zagreb, 1988.
13 Тукидид, Повијест Пелопонеског рата, с. II, 99, Дерета, Београд, 1991.
Епирска традиција на античките Македонци
Ако се анализира мајчиното семејно стебло на Александар, тогаш тоа изгледа вака: „Александар е… по мајка Еаков потомок преку Неоптолем“.14 Александровата мајка Олимпијада, ќерка на Неоптолем, води потекло од епирското племе на Илирите-Прасловени, наречени Епироти. При индоевропските преселби во XIII век пред Христа, најзападното скитско племе, под подоцнежното име Илири, мигрирало во западниот дел на Балканот, од север на југ, стигнувајќи до Амбракијскиот залив.
14 Plutarchus, Vitae parallelae (prev. Usporedni životopisi), III, 2, Zagreb, 1988.
Зборот ’епир’ (epiros) припаѓа на палеобалканската глосологија и значи континент/копно, сува земја, спротивно на брег – молос. Скитските племиња кои го населиле крајбрежниот предел на јужен Балкан добиле етноним Епироти или Молоси. Карактеристична е расата кучиња од овој дел на Балканот, со темножилти влакна и темна њушка, со крупни димензии, кои служат како кучиња-чувари, под името Молосос.15 Според историчарот Папатавроу,16 преселбите на Епиротите во 1124 година пред Христа предизвилака миграција на староседелците Пелазги од Теспротија. Тие имале верски центар во Додона, во близина на сегашниот град Иоанина и го славеле Диос. Напуштајќи ја својата татковина, преку планинскиот масив Пинд и Загорје, стигнале во рамнината на реката Пенеј во Еолида. Од тогаш, оваа оласт се вика Тесалија.17 Еолците кои останале, станале поданици на новите окупатори.
15 Mpampiniotis, G.: Synhroni gramatiki tis koinis neas Elinikis, Athinai, p. 1121, 1967.
16 Papastavrou, I.: Istoria tis Arhaias Ellados, p. 46, HIotelli, Athinai, 1972.
17 Херодот, Историја, VII, 176, Матица Српска, Београд, 1988.
Еакидите се потомци на кралот на островото Егина во Сароничкиот залив, Еак. Еак (Aikos) е Зевсов и Егинин син. Егина (Aigina) е сестра на кралот на Пелазгите во тесалијската Фтија под името Пелазго и на Исмен. Исмен имал две ќерки. Егина подоцна се омажила за Акто, крал на Фтија, и му ги родила синовите Менетиј и Евритион. Менетиј живеел во Локрида, а негов син е Патрокло, Ахилов роднина и нераздвоен пријател. Пелазговата сетра Егина со Зевс, на островото Енон и во Сароничкиот залив, го родила синот Еак и од тогаш островото го носи неговото име. Кога пораснал, Еак на Егина се оженил со Енедиа, која му родила два сина – Теламон и Пелеј. Во вториот брак со Псамата, го добил синот Фок.
При еден натпревар меѓу браќата, ненамерно е убиен Фок и Еак ги протерал своите синови од островото. Теламон се сокрил на Саламина, додека Пелеј отишол кај својот роднина, кралот на Фтија, Евритион, каде се оженил со неговата ќерка Антигона, со која немал деца. Кога станал крал на Фтија во Тесалија, Пелеј се оженил со Нереидата Тетида и го добил синот Ахил.
Ахил (Ahillevs) станал најголем јунак во Тројанската војна. Од оваа митолошко-генеолошка анализа може да се утврди дека Еакидите не се од дорско-хеленско потекло, туку од пелашко.
Ахилов и Дејдамиин син бил Неоптолем (Neoptolemos), кој често се споменува под името Пир. Бил учесник во Тројанската војна и како освојувач, при поделба на пленот, Хекторовата сопруга Андромаха и славниот тројански пророк, Пријамов и Хекабин син Хелен, (Elenos), му припаднале нему. По разорувањето на Троја, на враќање, Неоптолем се оженил со Менелаевата ќерка Хермиона, но, немале деца. Во Фтија, каде станал крал, робинката Андромаха му родила три сина: Пергам, Молос и Пијел.
Кога децата пораснале, Пергам преминал во Мала Азија, заедно со мајката и тука основал град под негово име. Градот Пергам, за време на владеењето на македонските Селеуки, станал голем воен, политички, економски и културен центар, сличен на Александрија. Бидејќи Неоптолем бил убиен во Делфи, Андромаха се омажила за пророкот Хелен и го родила синот Кестрин. Тој, со Епирците, кои го сакале тоа, го зезел пределот во сливот на реката Тиамида (Thaumis) во Епир и го основал приморскиот град Кестрин (Kestrini), кај денешна Игуменица. Овде ги нашол Енеј на својот пат за Италија.
Пијел останал во Епир, станал крал и од него води потекло династијата на Еакидите, а не од Молос.18 По петнаесет степени на потомци од Пијел (т.е. околу 800 години), крал на Епир бил Тарип, а потоа неговиот син Алкета (Alkettas) кој добил два сина – Ариб (Aribb, 350 година пред Христа) и Неоптолем. Арибин син е Пир (Pyrros), славен македонски генерал и крал на Епир, кој е познат по своите војни со Спарта и Рим („Пирова победа“). Кралувал со Епир помеѓу 295-272 година пред Христа.
18 Pauzania, Perrigissis tis Ellados, I, (прев. Pasini: Vodič po Heladi), Logos, Split, 1989.
Алкетиниот син Неоптолем имал син Александар и ќерка Олимпијада. Александар умрел во Луканија, додека Олимпијада се омажила за македонскиот крал Филип II (359-336 година пред Христа) и го добиле синот Александар Македонски-Велики.
Оваа генеологија на мирмидонските Еакиди ја потврдува и историчарот Томсон,19 кој пишува дека овој генеолошки етноним во почетокот припаѓал на пред-ахејските жители на Грција, слично како што етнонимот Данаиди, од египетско потекло, припаѓал на жителите на Арг на Пелопонез, односно на староседелците-Пелазги, пред доаѓањето на Дорците-Хелени. Во заклучокот на овој дел треба да се истакне дека античките Македонци, Теменидите, а со нив и останатите потомци на Филип II Александар Македонски, биле автентични потомци на прото-словенските Скити на Балканот, 1500 година пред Христа.
19 Thomson, G.: I Arhaia Eilliniki Koinonia-to Proistoriko Algaio, p. 298, Athina, 1954.
Продолжува
Пишуваат:
АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И
СЛАВЕ КАТИН