Вечер е Стара нова година, а утре Василица и Обрезание Господово

Православните христијани, чии цркви го користат Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат Православната нова година, која почнува утре на празникот Василица.

Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.