Бугарија со одговор на Акцискиот план, Бучковски во Софија за изноѓање решение за разликите

Северна Македонија останува на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, взаемно решение за билатералните разлики по различни прашања со Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година, соопштија од Министерството за надворешни работи известувајќи за втората посета на Софија на специјалниот претставник за дијалогот со Бугарија Владо Бучковски.

Тој вчера во Софија се сретнал со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со која, како што објавија бугарските медиуми, размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.

– Република Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Овој документ, кој се однесува на сите ресорни министерства, се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот), напиша БГНЕС, во објава за средбата на која се повика на бугарското Министерство за надворешни работи.

По таквата објава шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во телевизиско интервју рече дека тоа што вчера го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план. Наредниве денови, рече тој, треба да го разгледаат внимателно, да видат што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, и потоа ќе имаат појасна позиција. Се работи за одговор на нашиот Акциски план, потенцираше Османи во интервју за ТВ Телма.

Нашето МНР во соопштението пред средбата потсети дека при крај на минатата година бил доставен Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите Османи и Захариева било договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози.

-Во оваа насока во претстојниот период ќе имаме конструктивен придонес преку нашиот специјален претставник, а истото го очекуваме и од бугарска страна, како единствен можен начин до изнаоѓање решение, соопштија од Министерството за надворешни работи.

Следната меѓувладина конференција треба да се одржи во Скопје, но како што рече Османи, откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане и да усвои документи кои потоа ќе бидат усвоени на Влада. Досега комисија има усогласено текст во однос на пет историски личности, а два историски периоди се начелно усогласени – треба да се преточат во конкретни препораки за учебниците.

Османи тврди дека Бугарија е на јасна позиција дека не ги спори идентитетските прашања.

– Јас во неколку наврати кажав дека ако нешто корисно произлезе од последните четири месеци обиди за комуникација е јасната искажана позиција на Република Бугарија дека не ги спорат идентитетските прашања. Може да видите бројни изјави на бугарски официјални претставници кои тоа го кажуваат. Оттука треба да се почне дека ова прашање не е прашање на ревизија на идентитетските атрибути и дека историјата како предмет на историската комисија има за цел да ги корегира учебниците во двете држави што создаваат анимозитет меѓу двата народа, токсичност во амбиентот и да ги приближи двата народа, но не историјата како основа на идентитетските прашања. Во основа тука е и проблемот – недоволното разграничување околу предметот што го третира Договорот за добрососедство. Сметам дека со тек на време се повеќе се разграничува ова прашање, смета Османи.

Претходно, поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во интервју за „Еурактив“ оцени дека Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, наместо да придонесува за мирот и пријателството на народите во регионот.

– Тонот на Софија во однос на бугарската блокада на европскиот пат на Северна Македонија го диктира членката на владината коалиција, екстремнодесничарската партија ВМРО – Бугарско национално движење на министерот за одбрана Красимир Каракачанов. Бугарија не сфаќа дека во Северна Македонија се роди нова нација, која има свој јазик. Наместо да ја почитува и да придонесува кон мирот и пријателството на народите во регионот, Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е „Херкул без мускули“, вели Коѕијас.

Тој посочува дека Атина го предупредила Европскиот совет оти Каракачанов „спроведува политика надвор од рамките на ЕУ“, откако бугарското претседателство со ЕУ постави споменик на лав во дворот на Националниот дворец на културата, кој држеше штит со картата на „Санстефанска Бугарија“.

За поранешниот американски амбасадор во САД во Бугарија и еден од коавторите на Охридскиот договор Џејмс Пердју, Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Тој во интервју за ДВ истакнува дека завршило времето за „малтретирање“ на С Македонија.

– Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок и со Бугарија и со Северна Македонија. Мислам дека е грешка бугарската Влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Напротив, Бугарија мора да биде бранител на членството на С Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на С Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија. Сигурен сум дека Стејт Департментот поддржува брзо решавање на проблемите меѓу Бугарија и С Македонија, иако темата главно се однесува на Европската Унија и нејзините членки, вели Пердју.

Прашан како би можел да изгледа излезот од ситуацијата и  дали е можно двете земји наскоро да постигнат договор Пердју истакнува дека долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ, посочува, го охрабрува ова.

– Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања, наведува Пердју.

Националистите во Бугарија, дополнува, гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши, потенцира Пердју, додавајќи дека прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји.

– На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. Во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо, вели Пердју за ДВ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно упати обвинување дека „се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет, како и дека Владата ги крие условите и барањата од Анексот на Договорот со 12 точки од граѓаните“.

– Кога бил доставен нон-пејперот од Бугарија и зошто македонската јавност не е информирана за содржината на истиот? Дали 12те точки се поразителни за македонскиот идентитет и јазик ? Дали Бучковски следнава недела во Софија ќе дискутира за македонскиот јазик и историја? Зошто Зоран Заев веќе две години лаже дека немаме отворени прашања со соседите? Одговорност на Заев, Димитров и Османи мора да има. Морална и политичка одговорност, а потоа и секаква друга, штом ВМРО-ДПМНЕ ја преземе власта во Република Македонија. За сите овие недела кон Македонија ќе одговараат, рече Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Министерот Османи, пак, негира дека постои таков документ.

Анекс од 12 точки којшто се спомнува не постои. Од почетокот на септември од кога сум јас на оваа функција и откако ја интензивиравме  комуникацијата со Бугарија имаме споделено бројни документи, меморандуми, нон пејпери, предлози и идеи, дел ги има поднесено Република Бугарија, дел сме ги испратиле ние и врз основа на тие документи  работните групи од двете министерства и разговарале со месеци врз основа на тие предлози. Навистина не знам за кој  документ се зборува бидејќи бројни такви документи имало но нема документ кој се нарекува анекс и кој има 12 точки, посочи Османи.

 

One thought on “Бугарија со одговор на Акцискиот план, Бучковски во Софија за изноѓање решение за разликите

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *