Се намалува бројот на заболени пациенти од Ковид-19 во земјава. Надлежните се надеваат дека овој тренд на опаѓање ќе продолжи, а за крајот на јануари ги очекуваат и првите дози на вакцини. Веќе од денеска во аптеките ќе биде достапен лекот Ивермектин кој помага во лекување на овој вирус.
Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани вчера информираше дека лекот Ивермектин е стигнат во земјава. Токму денеска се очекува да биде достапен за продажба. Лекот се користи за лекување на заболени од Ковид-19, цената ќе изнесува околу 300 денари.
Овој лек претходно ги помина сите фази во Министерството за здравство и во МАЛМЕД. Ќе се издава на рецепт од страна на матичните лекари и во болнички услови.
-Студиите покажаа дека Ивермектинот се дава на три групи граѓани и тоа, кај ризичните групи на работници, кои имаат висок ризик да заболат, потоа на луѓе, кои биле во контакт со заболен и на заболени пациенти. И кај трите групи има различни индикации, различно дозирање и затоа е потребно давањето на лекот да биде под контрола на лекар, изјави министерот за здравство, Венко Филипче минатата недела.
И вакцините се очекува наскоро да пристигнат. Властите се оптимисти и веруваат дека првите дози на вакцини преку Ковакс механизмот ќе може да ги имаме кон крајот на јануари или почетокот на февруари.
Станува збор за вакцината на „Фајзер“, а следната која доаѓа предвид е вакцината на „АстраЗенека“.
Сепак, освен најава дека е можно да стигне одредена количина на крајот на јануари или почетокот на февруари, нема најава за точна количина.
Вкупно, преку Ковакс-механизмот во земјава треба да пристигнат 833 илјади дози вакцини за над 400 илјади граѓани.
Според Филипче, како резултат на директните преговори со компанијата „Фајзер“ дополнително се очекуваат околу 800 илјади дози, а дел се очекува и од солидарниот механизам – отстапување одреден процент од вакцините што ги набавуваат земјите членки на ЕУ.
Со вакцините кои треба да пристигнат од сите механизми ќе бидат вакцинирани 1,2 милион граѓани во земјава, поточно 60 проценти од населението. Очекувањата на здравствените власти се дека со нив треба да се постигне колективен имунитет.
Дел од државите од регионот, кои се членки на Европската Унија, веќе почнаа со вакцинација. Грција, Словенија и Хрватска почнаа со вакцинирање на 27 декември.
Во соседната Грција веќе активно се вакцинира голем дел од населението. Во текот на овој месец се очекува Грција да добие 424.624 дози, односно 212.312 вакцини.
Целта на грчката Влада е до јуни да ја постигнат посакуваната вакцинација на 70 отсто од населението, а со тоа да се постигне и имунитет.
Надлежните таму уверуваат дека вакцинацијата во земјава напредува со задоволително темпо, методично, безбедно и транспарентно.
Што се однесува до Албанија, таму вчера пристигна првата доза на вакцина. Меѓу првите се вакцинираше премиерот Еди Рама.
Први што ќе се вакцинираат во Албанија се здравствените работници, а премиерот Рама изјави дека ова го прави во знак на сенсибилизација за сите скептици.
Државата располага со 975 дози вакцини добиени од пријателска земја која не сакала нејзиното име да биде јавно соопштено. Надлежните очекуваат уште две илјади, а на почетокот на следната недела ќе пристигнат 10.750 дози вакцина од Фајзер.
Во Србија од вчера почна пријавувањето на граѓаните за вакцинација, која се врши електронски преку порталот Е-управа, а од четврток тоа ќе можат да го направат и преку телефонско закажување.
Кризните мерки во оваа соседна држава, и натаму остануваат во сила. Мерките за влез остануваат со задолжителниот негативен ПЦТ тест за странските државјани или изолација до негативен тест за српските државјани.
Работното време на угостителските објекти останува до 20 часот, а на продавницата до 21 часот.
Во сила во Србија остануваат и претходно утврдените мерки, забрана за собирање на повеќе од пет лица, како и носењето маски во затворени простории.
Здравствените експерти пак оценуваат дека годинава светот нема да го постигне колективниот имунитет од коронавирусот. Тие сметаат дека програмите за вакцинација во текот на оваа година нема да обезбедат колективен имунитет од светската пандемија, а причините за тоа лежат пред се во ограничениот пристап на вакцините до сиромашните земји, проблемите со довербата во одредени заедници и потенцијалните мутации на вирусот.
Дејл Фишер, шеф на Глобалната мрежа за предупредување и одговор на епидемиите, координирана од Светската здравствена организација, смета дека во скоро време нема да се вратиме во нормала.
-Знаеме дека треба да добиеме колективен имунитет и тоа ни треба во повеќето земји, така што тоа нема да се случи во 2021 година, оцени Фишер.
Тој заклучува дека можеби постојат некои земји што може да го постигнат тоа. Сепак, и тогаш ситуацијата нема да биде нормална, особено во однос на контролата на границата.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 104 случаи на Ковид-10 во земјава. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава е 86 597.