ДЕЛ ОД ИСЕЛЕНИЧКАТА ВИСТИНА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Појавата на македонскиот иселенички печат во светот е израз на долготрајната макотрпна борба на македонските доселеници (без разлика од кој дел на Македонија дошле), за афирмација на својот национален идентитет и на дедовската земја Македонија. Македонците во секоја пригода го истакнуваат македонското битие, изразено преку сопствената, богата, културна, национална и духовна историја.

Во таа насока се настојувањата во овие продолженија во „Македонска нација“ преку публикацијата  „Македонскиот иселенички печат” (НИО Студентски збор“, Скопје, 1993, 1-254), да се претстават хронолошки по години информативните гласила пред читателите, да се прикаже љубота на Македонците кон пишаниот збор, вистината на иформирањето, постигнатите резултати на полето на новинарството и публицистиката и со еден аналитички пристап да се претстави историскиот развој на новинарската дејност кај Македонците во светот. Рецензенти од оваа научна студија се д-р Боро Мокров и д-р Весна Шопар, додека издавач е „Студентски збор“ од Скопје на чело со почитуваниот директор и учител во новинарството, Насте Стојкоски,

Мотивиран од Кенедиевата синтагма „Не прашувајте што сторила татковината за вас, туку што можете вие да сторите за неа“, Катин успеа да ја заврши и објави книгата која го опфаќа иселеничкиот печат од трите континенти – главно онаму каде што живеат и работат поголеми агломерации на македонското иселеништво – Австралија, Северна Америка (САД и Канада) и Европа (Европската Унија).

Во споменатите земји, за период од 45 години, печатот е опфатен со околу 150 печатени гласила и преку 40 радио и ТВ часови. Тој број денес е намален на активни гласила и радио и ТВ часови. Се работи за изданија (гласила) на одделни друштва, поединци или цркви кои се пласираат и пошироко од седиштето на нивното појавување.

Тој е свесен дека печатот во дијаспората е оној интегративен фактор кој на нашите иселеници им овозможува не само да ги афирмираат своите активности поврзани со националната припадност и културата, туку и да ги следат и бидат во тек со најбитните настани и случувања во нивната матична држава. Во истовреме, тие го збогатуваат и мозаикот на мултинационалните култури во САД, Канада, Австралија и Европската Унија, зашто македонските културни вредности, во светски рамки, претставуваат највисок цивилизациски дострел на една од најстарите нации во светот – македонската нација.

Публикацијата „Македонскиот иселенички печат“претставува прв труд од ваков вид во Македонија, кој има за цел да пополни извесна празнина во историографската анализа на печатот кај иселеништвото во Австралија, Канада, САД и Европа (Европската Унија). За нејзиното подготвување Катин користел многу извори (публикации, научни трудови, извештаи, разговори и други архивски податоци), но и сопствениот фонд со кој располага за оваа сфера, врз основа на неговите долгогодишни истражувања.

Книгата “Македонскиот иселенички печат” од Славе Николовски – Катин е резултат на неговата долгогодишна истражувачка работа во областа на печатот и новинарството и достигнувањата на македонските иселеници во прекуокеанските земји – Австралија, Канада и Соединетите Американски Држави, како и во голем број европски земји. .Таа е подготвена со цел да пополни празнината во областа на печатот на Македонците надвор од нивната татковина, за периодот од 1945 година, односно од конституирањето на НР Македонија од 1992 година, времето кога Македонија стана самостојна суверена и независна држава.  Оваа книга има исто така за цел да биде помош за новинари, културни, историски, политички, научни и други работници кои можат да  најдат голем број податоци во врска со активностите, ентузијазмот и достигнувањата на полето на новинарството на македонски иселеници во новата средини.

Весниците во голем број случи го носат името “Македонија”, кое јасно говори за нивната силна врска со нивната дедовска земја, додека одреден број гласила носат името на историски настан или личности од старата татковина. Така, под името “Македонија” во Австралија, Канада, САД и Европа има 40 гласила чии содржини вклучуваат културни и историски настани, настојуваат да ги разбудат патриотските чувства кај читателите и, уште поважно, тоа се гледа како еден начин на поддршка на Македонија.

http://mactel.com.au/newsite/uploads/zdruzenie na novinari na makedonija.jpgКако по некое непишано правило, издавачката продукција на Катин секоја година се збогатува со нови дела за македонската иселеничка галаксија. Во 1993 година се појавува неговиот „Печалбарски копнеж“, („Матица македонска“, Скопје, 1993, 1-156, на македонски, а е посветен на неговите родители) кој доживува и второ издание и беше промовирано во Здружението на новинарите на Македонија.

„Во преку 44 публицистички текстови за македонските иселеници во Америка и Канада, Катин раскажува за своите средби и разговори со нив во македонските православни цркви, клубови и друштва, во овие две големи држави на Американскиот континент. Пред нас дефилираат најразлични човекови судбини на повеќе генерации македонски иселеници, чии заеднички одлики, како своевидни мотиви во овие раскажувања, се носталгијата кон родниот крај, врските со старата татковина и стремежите за зачувување на нивниот национален и културен интегритет“, истакнува д-р Томе Саздов во својот предговор кон ова дело.

Со оглед дека „Печалбарски копнеж“ се појавува само две години по осамостојувањето на Македонија, како суверена и независна држава, во неа посебен акцент е даден на заложбите на македонските иселеници за брза консолидација и успешна трансформација на земјата во демократска држава и нејзината ориентација за вклучување во евроатлантските структури. Во овој историски момент, заедничка и единствена благородна цел на сите Македонци, е развојот на Република Македонија како матица на сите свои чеда, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат и на кои меридијани тие живеат.

Од тие причини, ова дело на Катин е богата, автентична и значајна современа хроника на македонското иселеничко движење во дијаспората, во случајов во САД и Канада. Всушност, по книгата „Во Австралија како дома“, со овој свој нов ракопис, Катин ги заокружува своите репортерски записи и кажувања за бројните македонски иселеници. Тие првобитно биле само макотрпни печалбари, а денес се и видни граѓани на земјите во кои живеат и работат во попријатни околности, но со ненамалена желба и копнеж почесто да се најдат во преградките на својата прва татковина – Македонија.

Ваквите оценки за ова дело на Катин беа изнесени и на промоцијата на книгата во Матицата на иселениците од Македонија, во излагањето на нејзиниот претседател д-р Димитар Керамичиев, како и во кажувањата на Фиданка Танаскова, уредник во „Нова Македонија“ која, меѓу другото, вели дека авторот на оваа книга сторил завиден напор да ни стави на дланка макар парче од таа разгранетост и реалност на македонскиот етникум ширум северно-американскиот континент.

Значајно е да се одбележи дека во рамките на Илинденските иселенички средби во Љубојно се промовираат поголем број литератуни дела на љубанци, со особена нагласка на творештвото на Славе Николовски-Катин. Така, на  2 август 2000 година, на „Полена“, а пред голем број љубанци, туристи, гости и намерници на средбите беа промовирани книгите: „Печалбарски копнеж“, „Македонски иселенички паноптикум“ и монографијата за најголемиот донатор од иселеништвото „Атанас Близнаков“ чии  автор е Славе Катин. Пред присутните, на „Полена“ за трите книги и за творештвото на Катин зборуваа проф. д-р Томе Саздов, д-р Петре Лубаровски и Бошко Рајчовски – Пелистерски.

http://mactel.com.au/newsite/uploads/mpc sveti kliment ohridski toronto.jpgУште незаборавени импресиите од делото „Печалбарски копнеж“, пред читачката публика, во 1994 година се појави “Македонски вознес“ (МПЦ „Свети Климент Охридски“, Торонто, 1994, 1-232, на македонски и англиски јазик).  на Катин и Ф. Танаскова, монографија за Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ од Торонто, која, во истовреме, е и издавач на ова дело.

Во својата рецензија за книгата, полошко-кумановскиот архиереј, митрополитот Кирил, истакнува дека големиот празник, тридеценискиот јубилеј на светиот македонски храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто е вистински македонски вознес за сите браќа и сестри од род македонски, за сите имени и безимени кои вградија огромна љубов, дарување, труд и самопрегор во неговите темели и го подигнаа овој прекрасен и најголем соборен храм на северноамериканскиот континент.

Црквата била и останува да биде симбол на македонското име, непокор, тврдокорност и постоење на далечните прекуокеански простори, во чии двери пулсира една извонредно динамична активност, атрактивна, привлечна и неодминлива за сите генерации Македонци, подвлекува митрополитот Кирил во предговорот под наслов „Летопис на генерациите“.

„Повеќе од еден век е зад нас откако од македонската родна земја кон канадскиот простор тргна и се’ уште трае масовната брановита преселничка река. Така, денес само во Торонто е формирана повеќе од стоилјадна македонска комуна. Во сите години зад нас, македонскиот етникум разви импозантен самоорганизиран колаж кој оствари извонредно широка и значајна активност на сите полиња. Црквата „Свети Климент Охридски“ со оваа монографија го овековечува своето постоење и мисија“…, истакнува вториот рецензент на оваа книга, Христо Андоновски.

Во посветата на монографијата за црквата „Св. Климент Охридски“, г.г. Михаил вели: „Плодот што го роди дрвото посадено од свети Климент Охридски во Македонија, доведе до создавање на Охридската архиепископија, која денес постои во лицето на Македонската православна црква. Корените на тоа Светиклиментово дрво се раширија насекаде низ цела Македонија и светот и стасаа до северноамериканскиот котнинент, каде изникна еден од најголемите и најзначајни духовно-национални и културно-просветни храмови што македонските иселеници го имаат – соборниот храм-црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто.

Во изминатите три децении црквата оствари значен црковен, духовен, национален и културен развој, со што даде голем придонес во севкупното живеење на македонските доселеници од сите делови на Македонија и го збогати мозаикот на демократска и мултикултурна Канада“.

Промоцијата на ова дело е извршена во Соборната црква на Американско-канадската македонска православна епархија „Свети Климент Охридски“ во Торонто на патрониот ден на црквата, а на која зборуваше митрополитот г. Кирил. Исто така, ова дело е промовирано и во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, од г.г. Михаил и проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, кои истакнаа дека делото на Катин и Танаскова претставува значајна алка во синџирот на Светиклиментовата традиција во светот и во Македонија.

На овој настан, во Гласникот на Институтот за национална историја се осврнува и историчарот д-р Александар Трајановски, кој ова дело на читателите им го препорачува како реликвиум, кој претставува нов придонес во македонската црковно-национална историографија. Свечена промоција оваа монографија доживува и во Струмица, каде што за неа во Домот на културата зборуваа професорите д-р Вера Стојчевска Антиќ, универзитетски професор и д-р Димитар Керамичиев, како претседател на Матицата на иселениците од Македонија.

Продолжува…  Душан Ристевски