Дескоска: Одземени надлежностите на градоначалникот Таравари во образованието

Вчера попладнето му се одземени надлежностите на градоначалникот на општина Гостивар во делот на образованието и во тоа во делот што се однесува на именување и разрешување на директори на општински основни и средни училишта, информира министерката за образование и наука Рената Дескоска.

Таа одговарајќи на пратеничко прашање рече дека причина за тоа е фактот што долго време не можело да се воспостави законитост во работењето во делот на образовнаието.

– Овој процес траеше прилично долго во општина Гостивар, со цел да се даде шанса да се испочитува Законот и да не одиме на најрадикалните мерки. Во решението што е донесено, а денеска веќе испратено до општина Гостивар, и ќе биде јавно објавено за да може јавноста да го види, опишани се сите чекори што биле преземани од страна на Државната просветна инспекција, сите решенија што биле донесени од нивна страна со укажување дека градоначалникот треба да ги почитува, но за жал тоа до ден денеска не беше сторено, рече Дескоска.

Додаде дека постојат и решенија донесени од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со што се поништуваат одлуките донесени од страна на градоначалникот што, исто така, не биле спроведени.

– Од дописот добиен од страна на Државната просветна инспекција со укажувањето за сите нерегуларности што се направени во постапката за разрешување на директори и за именување на директори што се надвор од постапка, предлогот што го добивме и единствената законска можност која ни беше на располагање за да се вопостави владеење на правото и почитување на Законот за основно образование и средно, беше одземањето на надлежностите во делот за разрешување на именување и тоа одземање ќе биде на сила девет месеци, појасни министерката за образование и наука.