Франс Прес – Фигаро: Северна Македонија ја осудува „уцената“ во процесот на пристапување во ЕУ

Интернет изданието на најстариот француски дневен весник „Фигаро“, ја пренесува веста на Франс Прес под насловот „Северна Македонија ја осудува „уцената“ во процесот на пристапување во ЕУ“, во која се осврнува на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој ја повика ЕУ во вторникот (15-ти декември) да ја спречи „уцената“ на неговата земја, која мора да се соочи со нови пречки за нејзиното членство во заедницата, јави дописникот на МИА.

Северна Македонија го смени своето име минатата година за да стави крај на спорот со Грција што ги блокираше нејзините европски амбиции, но сега се соочува со противење од Бугарија со барање да ги признае „бугарските корени“ на нејзиниот јазик, народ и нејзината историја, потсетува „Фигаро“.

-Европскиот процес не треба да доведе до уцена од која било земја во Европа или Западен Балкан, ја пренесува весникот изјавата на министерот за надворешни работи Османи во Прага на онлајн прес-конференција.

-Нашите напори за одржување добри односи со соседите не се наградени, рече тој, додавајќи дека спорот со Бугарија ќе има негативно влијание врз целиот балкански регион.

Бугарија ги блокираше разговорите меѓу министрите на ЕУ за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ноември. По разговорите со Османи, чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек, како што пренесе „Фигаро“, рече дека се надева оти може да се најде компромис до крајот на годината.

-Во тек се многу интензивни разговори во рамките на ЕУ за тоа како да се постигне чекор напред … Ние би сакале да постигнеме компромис оваа година, рече Петричек.

ЕУ, додаде тој, мора да го задржи статусот на сигурен партнер за земјите што спроведуваат реформи и ги извршуваат своите домашни задачи.

Поздравувајќи ја поддршката на „26-те земји“ од 27-те членки на ЕУ, Османи, како што пренесува „Фигаро“, рече дека „поддршката на европските земји е најдобриот начин за обновување на ентузијазмот и довербата во процесот“. Според него, „поддршката и забрзувањето на процесот на интеграција е најдобриот начин за подобрување на односите меѓу соседите“.

Францускиот печат многу малку се осврна на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на бугарското вето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ .