Даночни олеснувања и укинување на непотребните трошоци за компаниите, бара Стопанската комора

Да не ги обременуваме компаниите со дополнители, непотребни трошоци. Секое намалување на цените, на увозните и на извозните давачки, е плус за нив и за нивните партнери. Да им помогнеме да ја издржат кризата преку поедноставување или укинување на административни пречки и преку рационализирање на трговските процедури, порача денеска Стопанската комора на Македонија од граничниот премин Табановце – Прешево.

Царинската управа, пак, најави реконструкција на граничните премини Деве Баир, Ќафасан и Делчево, нивно проширување со дополнителни ленти за проток на стоки, како и продолжување на реформите во делот на давачките и процедурите.

-Никој не можеше да претпостави колку ќе трае корона кризата и како да се димензионираат мерките. Не знаеме ниту како ќе се одвиваат понатаму состојбите. Има претпоставки дека до пролет или до лето се ќе заврши, но компаниите секојдневно се соочуваат со предизвици – дали можат да ги задржат вработените и како да функционираат, со колкав капацитет. Поголемите можеби ја преживеаа кризата, но дел од помалите не. Затоа, се бараат средства и механизми по секоја основа за опстанок. Она што во моментов е битно, е како да ја олесниме нивната работа и да ја зголемиме конкурентноста, рече в.д. извршната директорка, Билјана Пеева Ѓуриќ.

Според директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, многу скоро се очекува проширување на т.н. зелени коридори.

-На последниот Комитет на ЦЕФТА беше заклучено дека зелените коридори треба да продолжат да функционираат и да се прошират на граничните премини со ЕУ. Се интензивираат состаноците меѓу ЦЕФТА секретаријатот и царинските администрации. Очекуваме многу брзо проширување на зелените коридори, но за нас е клучно да ги реконструираме Деве Баир, Ќафасан и Делчево, да ги прошириме со дополнителни ленти за проток на стоки, истакна Танасоски.

Комората апелира дека за раздвижување на надворешно-трговската размена е неопходно намалување на царините за медицинските материјали, како и за прехранбените производи што се дефицитарни на домашниот пазар и што не можат да се обезбедат од домашните производители. Во услови на криза како оваа што ја наметна КОВИД, тешко е да се одржува и синџирот на снабдување, не само на основните продукти, туку и на енергијата. Затоа, врвен приоритет е одржувањето непрекината врска на транспортните коридори, но не само со регионот, туку и со државите-членки на ЕУ со кои ние и другите земји од Западен Балкан годишно реализираме повеќе од 70 отсто од размената.

Пеева Ѓуриќ на прес-конференцијата ја истакна и потребата од даночни олеснувања, како и од измена на Законот за царинска тарифа со цел нејзино подобро усогласување со потребите на бизнис-секторот, во насока на создавање предуслови за подолгорочно одржлива конкурентност и за привлекување нови, странски директни инвестиции.

-Да им се помогне на извозно-ориентираните компании да ги одржат капацитетите и вработените во одреден временски период, особено да се обезбеди помош за компаниите кои не се дел од големи странски групации и кои мора со многу ограничени ресурси да се борат сами на странските пазари. ликвидносна поддршка, грантови или бескаматни заеми би можеле да бидат некои од мерките за дел од компаниите кои времено може да останат или се останати без обновени договори за работа, како и вклучување на овие компании во јавните набавки и/или во новоотворените проекти од страна на државата, во рамки на реализацијата на планираните капитални инвестиции, рече Ѓуриќ.

Неопходно е, дополни Пеева Ѓуриќ, и да се воведе механизам за поттикнување нето-извозот и на додадената вредност.

-Во изминатиот период вложивме максимални напори за олеснување на работењето на компаниите. Според анектата на членките на Комората, 75 отсто од фирмитер се задоволни од досега спроведените реформи на Царината и поедноставените царински постапки, напомена директорот.

Во однос на трговскста размена, истакна дека во првите 11 месеци годинава вкупниот увоз е помал за седум отсто од истиот период лани, а намалувањето на извзоот е за 11 проценти.

-Споредено со лошата економска состојба во светот, ова се солидни резултати за кои се вложени исклучителни напори и од страна на Царината и од страна на државата воопшто, укажа Танасоски.

Тој вети дека сите препораки од стопанството за царинското работење ќе бидат разгледани, а реформите ќе продолжат

-Во оваа криза поддршката на извозните компании е најголем приоритет. Коридорот 10 стана поатрактивен, а наскоро тоа се очекува и за Коридорот 8, рече Танасоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *