ВО ТЕТОВСКО – ГОСТИВАРСКАТА ЕПАРХИЈА ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ НОВИОТ БРОЈ НА ЕПАХИСКОТО СПИСАНИЕ “ОГЛЕДАЛО“
Со благослов на неговото високопреосвештенство, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф излезе од печат новиот број на списанието „Огледало“, списание за православната вера, култтура, образование и наука.
Списанието е двоброј 14/15, во септември 2020 година, во кое е поместена следната порака „Чувај ја верата и никогаш немој да ми го заборавиш мојот манастир“
Имено, тема на овој број на списанието „Огледало“ е: „Тетовско – гостиварската епархија во Полог и Лешочкиот манастир низ вековите“. Во списанието, неговото високопреосвештенство, митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф го напиша следното поздравно слово:
Мили чеда,
„И во оваа високосна 2020 година, иако погодени од големи искушенија меѓу кои најповеќе од познатиот коронавирус, сепак со Божја помош повторно сме со Вас преку нашето списание „Огледало“, кое пред сè го издаваме за сите Вас, кои сте „жедните за словото Божјо“. Ете во пресрет на овогодишните јубилеи на нашата Света Македонска православна црква – Охридската архиепископија, кога сите ние сме радосни сведоци на чествувањето на големите и значајни духовни и национални јубилеи: Еден милениум постоење на Бигорскиот манастир; 175 години од блаженото упокојување на игуменот на Лешочкиот манастир, јеромонахот Кирил Пејчиновиќ; 75 години од одржувањето на Првиот македонски црковно-народен собор во Скопје; и 30 години од осветувањето на Соборниот храм во Скопје – излегува од печат, веќе 7-ма година по ред и овој двоброј на епархиското списание на Тетовско-гостиварската православна епархија.
Митрополитот г.Јосиф со поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот г.г. Стефан
Спомнувајќи ги јубилеите, можам слободно да кажам дека не помал јубилеј оваа година доживува и нашиот Лешочки манастир, во кој по скоро цели 200 години се започна со изградба на нов манастирски конак. Како што споменав во мојата беседа за време на осветувањето на темелите во февруари оваа година, и во оваа прилика ќе споменам дека Лешочкиот манастир несомнено уште од дамнина е голем благослов за Полог, па така знаејќи го сето тоа и бивајќи свесни дека годинава во Лешок се започна делото на воскресенски препород на комплексот, во консултација со ценетата Редакција, се одлучивме темата на овој двоброј 14/15 да ја посветиме на: „Христијаните во Полог и Лешочкиот манастир низ вековите.
Освен трудовите поврзани со носечката тема на овогодинешното списание, благодарение на нашите почитувани соработници како и на Редакцијата на списанието, сместивме и научно градиво од многу области и тоа од: црковната и световната книжевност, од црковната уметност, секако трудови со теолошка тематика, потоа од областа на историјата и медицината, како и теми поврзани со периодот на македонската преродба. Исто така, на крајот од списанието се наоѓа и рубриката – Вести и настани од епархијата. Се надевам дека ќе Ви се допадне изборот на трудовите кои се сместени на овие страници и дека тие ќе го привлечат Вашето внимание.
Ја користам оваа прилика од мое лично име, како и од името на членовите на Редакцијата да им се заблагодарам на нашите почитувани соработници, кои со својот труд значително го помогнаа издавањето на ова списание.
Драги читатели, имајќи го во Вашите раце нашето епархиско списание „Огледало“, Ви посакувам успешно чтение и продлабочување на духовните и интелектуалните способности за слава на Троичниот Бог“.
Притоа, митрополит на Тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф, кој е главен уредник на списанието „Огледало“ напиша дека Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот дух да биде со сите нас.
Посебно место во овој број на списанието „Огледало“ е посветен на текстот:на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф под наслов: “Лешочкиот манастир пред доаѓањето на јеромонанахот Кирил Пејчиновиќ (од создавањето до 1818 година“), со следниот превод на англискиот јазик: THE LESHOK MONASTERY BEFORE THE ARRIVAL OF HIEROMONK KIRIL PEJCHINOVIC (FROM ITS FOUNDATION UNTIL 1818).
. Во него, меѓу другото, е претставен почетниот дел на бурната историја на Лешочкиот манастирски комплекс низ вековите, периодот од основањето на манастирот, па сè до 1818 година, кога со доаѓањето на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ на чело на манастирот како игумен – манастирот бил возобновен, а со тоа и неговата историја.
Посебно во трудот хронолошки е изложена историјата на манастирот, кој бил и ѐ центар на христијанството во Лешок и во Полошкиот регион, каде христијанството се појавило уште во ранохристијанскиот период. Историските настани се поддржани со бројни археолошки пронајдоци. Денешните остатоци на стариот манастир „Свети Атанасиј Велики“, како и црквата „Пресвета Богородица“ во новиот возобновен манастир се појдовна и темелна точка на овој труд кога станува збор за Лешочкиот манастирски комплекс.
Манастирот „Свети Атанасиј “ во Лешок
Во овој текст митрополит на Тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф се потрудил да го долови непрестајното егзистенцирање на манастирот, со прикажување на историскиот развој преку претставување на настаните поврзани со основањето, разурнувањето, подигањето и уривањето на храмовите и манастирските конаци, сè до неговото повторно возобновување, како феникс од пепелта во 1818 година под покровителство на игуменот Кирил Пејчиновиќ од Теарце.
Инаку, Лешочкиот манастирски комплес „Свети Атанасиј Александриски и Пресвета Богородица“ е важен духовен центар и игра видна улога во духовната преродба на македонскиот народ. Тој се наоѓа над селото Лешок и е сместен во прекрасниот природен амбиент во подножјето на Шар Планина, на надморска височина од околу 600 метри. Во православниот манастирски комплекс денес се наоѓаат светилишта: манастирската црква „Свети Атанасиј Велики“, старата црква „Пресвета Богородица“ и параклиот „Свети Кирил и Методиј“.
Денес во склоп на манастирот кој повторно е епископско живеалиште влегуваат и: манастирските конаци, вечното почивалиште и спомен-собата на преродбеникот Кирил Пејчиновиќ, како и остатоците од стариот манастир со разурнатата црква посветена на „Светиот Атанасиј Велики“, чии остатоци се наоѓаат надвор од денешните манастирски ѕидини, во непосредна близина на комплексот.
Исто така, во бројот 14/15 на списанието „Огледало“ заслужуваат посебно внимание и текстовите и научните трудови на дваесет и еден автор кои со своите објави придонесуваат за збогатување на православната вера, култтура, образование и наука кај Македонците, како и го презентираат минатото и сегашноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и ја прикажуваат вистина за црковно-националното живеење во Република Македонија.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН