Нада Николовска, родена Иванова е позната во образовниот систем на нашата земја како советник и инспектор по македонски јазик за основното образование. Близу триесет години работеше во Бирото за развој на образованието при Министерството за образование. Нада Николовска–Катин, како што е уште позната меѓу наставниците, е автор на дваесетина учебници и друга дидактичка литература по македонски јазик, кои значат голем придонес во наставниот процес во училиштата во Македонија. Нејзините дела, во исто време се и афирматори и бранители на македонскиот јазик и литературата во земјата и светот.
Наде со сопругот Славе
Нада Николовска е родена на 7 ноември 1949 година во Виница, град со околу единаесет илјади жители според пописот во 2002 година. Тој се наоѓа во источниот дел на Македонија и е центар на Општината Виница. Виница е распространета во подножјето на планината Плачковица, помеѓу планините Голак и Обозна, во југоисточниот дел на Кочанско-виничката Котлина, на северниот брег на реката Брегалница.
Градот Виница е познат по историската римска тврдина Виничка тврдина, која се наоѓа на ридот над градот. Во неа се пронајдени познатите ранохристијански теракотни икони. Виничко кале е утврдена населба од неолитот и доцната антика, со градби покрај градскиот бедем од IV и VI век, кои се целосно зачувани.
Во Виница има две основни училишта ОУ „Славчо Стојменски“ и ОУ „Гоце Делчев“, едно средно училиште СОУ „Ванчо Прке“ и градската библиотека „Ванчо Прке“ која е изградена во 1946 година. Во градот постои и активно работи и Домот на културата „Тошо Арсов“ кој е центар на сите културни случувања, киносала, детска градинка, здравствен дом, базен, метеоролошка станица, музеј „Теракота“ и центар за образование на деца и млади. Во градот има три православни цркви, градската црква посветена на „Свети Архангел Михаил“, црквата „Свети Јоаким“ во Јакимово и црквата во изградба „Свети апостол и евангелист Лука“. Заштитник на градот Виница е свети Павле, на кого има посветено параклис пред општинската зграда. Во Виница дејствуваат две музички групи, „Распеани Виничани“, „Јана“, и фолклорната група „Китка“.
Нада Иванова го завршила основното и гимназиското образование во Виница, со одличен успех, а продолжила да се школува на Филозовскиот факултет, група книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. До тогаш беше виничанка, а во 1972 година се мажи за Славе Катин, кога и постанува голем поддржувач и вљубеник на Преспа, каде во куќата во Љубојно има македонска соба со народни носии и други преспански и македонски старини.
По завршувањето на факултетската наобразба во 1976 година се вработува како наставник по македонски јазик и литература во ОУ „Братство-единство“ во Охрид, каде останува три години. Потоа, три години беше наставник по македонски јазик и литература во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје. Од 1985 година до пензионирањето во 2011 година, била на повеќе функции во Министерството за образование на Република Македонија и тоа: пет години била педагошки советник за македонски јазик и литература во Заводот за унапредување на образованието и воспитанието на град Скопје; девет години била самостоен педагошки советник за македонски јазик и литература; две години била советник за македонски јазик и литература во Министерството за образование и наука во Бирото за развој на образованието; од 2005 година има статус државен службеник во Бирото за развој на образованието-Скопје.
Нада и Славе Катин имаат две деца: синот Александар, роден во Скопје во 1974 година, доктор по ветеринарна медицина – ДВМ и ќерката Дафинка, родена во Штип во 1975 година, професор по англиски, шпански и македонски јазик. Александар е оженет со Радмила Николовска, родена Чрчева, во Гостивар во 1974 година, доктор по ветеринарни науки. Тие имаат три ќерки, Сандра Николовска-Катин, родена во Скопје во 2003 година, која го носи името на покојната мајка на Славе Катин, втората ќерка Костадина (Дина) Николовска-Катин, е родена во Скопје во 2006 година, третата ќерка Надја, која го носи името на баба Нада е родена во 2016 година
Дафинка Катин-Скатоца, пак, е мажена за Џампаоло Скатоца, познат како Џипи (Giampaolo Scatozza – Jippi) роден во Рим, Италија. Тој завршил Музичка академија во Рим и сега е џез музичар, (тапани) и професор по музика, со кого има една ќерка Изабел (Isabel) Катин–Скатоца родена во Торонто во 2006 година и синот Масимо (Massimo) Катин-Скатоца, роден во Торонто во 2007 година.
На четирите внучиња, на нивниот шести роденден, дедото Славе Катин објавил пригодни монографии со цртежи што тие ги направиле во градинките и дома и фотографии од нивното претшколско детство.
Со децата
Од нејзиното проучување и истражување треба да се спомне учеството на конгрес на тема: „Литературно теоретските поими во наставата по македонски јазик“, во Нови Сад и учеството на конгрес на тема: „Народното творештво во наставата по македонски јазик“, во Загреб.
Нејзини истражувачки проекти се: Методологија и организација на билингвалната настава за учениците од ромската популација,Скопје, Куманово, Охрид; Македонскиот јазик за учениците во основното образование со специјални потреби, Скопје, Битола; Активно учење/интерактивна настава, Скопје; Лектирата во основното училиште, Скопје и истражувачкиот проект: Проблемската настава во изучувањето на литературата.
Во нејзината триесетгодишна педагошка работа во соработка со коавтори и самостојно објавила поголем број учебници, книги, работни листови и други публикации, и автор е на следните учебници и книги за основно и средно образование: Учебник по македонски јазик за 5, 6 и 7одделение за учениците со настава на албански и турски јазик, Учебник по македонски јазик за 5 одделение, Учебник по македонски јазик за 7 одделение, Учебник по македонски јазик за учениците со настава на албански и турски јазик, Учебник по македонски јазик за учениците со албански и турски наставен јазик за 7 одделение, Учебник по македонски јазик и литература за прва година гимназиско образование за учениците со албански и турски наставен јазик, Учебник по македонски јазик и литература за втора година гимназиско образование.
Мигови кога целото семејство е заедно
Исто така, Нада Николовска е коавтор на делата „Убавината на македонскиот јазик“, „Македонско литературно богатство“, „Виножито“, (Виножито, превод на албански јазик), „Волшебен екран“, и „Јазикот наш македонски“, како и на делата Граматика за 5, 6, 7 и 8 одделение, кои се голем придонес и помагала за сите ученици од основното образование.
Нада Николовска има повеќе од 80 стручни и научни трудови: проучувања, истражувања, концепции, апликативни проекти, наставни програми, методолошки инструменти, анализи, упатства, информации, извештаи, рецензии, редакции и други публикации.
Нада Николовска два мандата била претседател и член на Извршниот одбор на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на Република Македонија. Сојузот организациски и програмски ги обединува друштвата за македонски јазик и литература на основното и средното образование во Македонија и пошироко.
Членството, пак, на Сојузот го сочинуваат сите наставници и советници по македонски јазик и литература од основното и од средното образование од нашата држава и пошироко, професори и научни соработници од соодветните факултети и институти на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, како и почесни членови, кои на различни основи се заслужни за афирмирањето и за поддржувањето на идеите и на дејноста на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на нашата земја.
Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература е издавач на списанието „Литературен збор“, гласило на просветните и на научните работници од областа на јазикот и на литературата. Особено внимание заслужува фактот дека „Литературен збор“ е едно од ретките списанија од овој вид, што постои во континуитет од 1954 година наваму. Повеќе од полувековната традиција, меѓу другото, зборува и за потребата од издавањето на ова списание.
За високиот углед и за важноста на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература и на списанието „Литературен збор“ во Македонија и пошироко, за заслугите и за успесите постигнати во негувањето на македонскиот јазик и литература, како и за значајниот придонес во стручното издигнување на наставничкиот кадар, зборуваат добиените високи одликувања и награди.
Инаку, покрај подготвувањето и издавањето на списанието „Литературен збор“ Сојузот организираше и изведуваше општински натпревари по македонски јазик за основното и средното образование, како и изведуваше државен рецитаторски натпревар за основното и за средното образование и државен натпревар за литературни творби за средното образование.
Членовите од Извршниот одбор на Сојузот на друштвото за македонски јазик и литература на Република Македонија, пак, активно се вклучуваше во „Месецот на сообраќајот“. Тогаш сите ученици од основните и средните училишта земаа учество по објавениот конкурс посветен на безбедноста на сообраќајот со теми: Кој безбедно вози, правилно се движи, на себе мисли и за друг се грижи и Современиот сообраќај – придобивка, но и опасност.
Интересно е да се одбележи дека Нада Николовска како претседател на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, успеа на напреварите да учествуваат ученици чии мајчин јазик им е македонскиот и ученици од другите заедници, на кои македонскиот јазик не им е мајчин јазик.
Исто така, на Државниот натпревар по македонски јазик и литература за основно образование што се одржа во мај 2009 година во ОУ „Крсте П. Мисирков“ во Куманово, претседателката Нада Николовска успеа, по пат на спонзорирање да најде средства за сместување, учество на натпреварот и доделување награди, особено за учениците – Македонци од Словенија, Србија и Албанија, кои за првпат учествуваа на вакви натпревари и понесоа убави спомени од дедовската земја Македонија.