Џафери-Техада: Продолжува швајцарската поддршка за Собранието

Собранието и во овој мандат ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира стратешките интереси на државата, во однос на добрососедската политика, развојот на соработката во регионот, обврските од членството во НАТО, како и процесот на ЕУ интеграцијата, истакна претседателот на Парламентот. Талат Џафери на денешната средба со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Скопје, Сибил Зутер Техада.

Како што се навдува во соопштението од Кабинетот на Џафери, тој потенцираше дека високо ги цени соработката и политичките односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со пријателство и разбирање, отворен и интензивен дијалог.

– Покрај тоа, високо се цени и континуираната поддршка што Швајцарската Конфедерација ја дава во процесот на европските интеграции, иако самата не е членка на НАТО и ЕУ. Тој ја поздрави и Швајцарската програма за стипендирање на професионалното усовршување на вработените во Собранието на Република Северна Македонија со отворениот конкурс за упис на втор и трет циклус на студии, се разбира за тие што се заинтересирани за понатамошно професионално усовршување и развој, се наведува во соопштението.

Амбасадорката Техада му го честита на Џафери повторниот избор за претседател на Собранието и нагласила дека, Амбасадата на Швајцарската Конфедерација во Скопје, ќе продолжи да соработува со законодавниот дом во спроведувањето на тековните, но и новите проекти. Џафери, како што се наведува во соопштението, доби отворена понуда од страна на швајцарската амбасадорка да биде дел од Советодавниот одбор на новиот Проект помеѓу двете земји за „Изборни реформи во Република Северна Република Македонија“. Овој проект, освен што придонесува за стабилноста на изборниот процес во нашата земја, истиот го зајакнува и кредибилитетот на Собранието на Република Северна Македонија.

Џафери и амбасадорката Техада размениле мислења и за приоритетите на Собранието на Република Северна Македонија во наредниот период, односно потребата од донесување на реформски закони во пресрет на меѓувладината конференција за отпочнување на преговори за членство со ЕУ.

На средбата станало збор и за неопходноста од овозможување на алтернативно работење на Собранието во услови на пандемија или други непредвидливи состојби.

– Соговорниците ја нагласија плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Швајцарската Амбасада, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога и изразија подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката на овој план, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери.