Учебната година ќе почне на 1 октомври, соопшти Заев

Учебната година ќе почне на 1 октомври, соопшти денеска мандатарот Зоран Заев во изјава пред Собранието откако достави предлог-состав и програма на новата влада. Посочи дека онлајн-наставата ќе биде концепт за сите ученици освен за првите одделенија во кои учениците, како што рече, треба да бидат описменети, како и во училишта според проценките на самите општини.

Се остава време за да се земат предвид сите аспекти на оваа, како што рече, комплексна проблематика, како подготовка на онлајн-платформата, безбедносните протоколи за децата, прашањето за чување на децата до 10 години итн., и тие ќе бидат на дневен ред на првата сеница на новата Влада.

Како што беше и досега најавувано, за почеток на новата учебна година се потребни измени на законите за основно и за средно образование, согласно со протоколите за моделите на настава во услови на пандемија, кои треба да ги донесе Собранието.

Од досегашниот министер за образование Арбер Адеми, кој отсега ќе биде пратеник, Заев побара да ги даде неопходните информации, додавајќи и дека идната министерка Мила Царовска како актуелен потпретседател на Владата е запозната и работи на проблематиката.

– Владата навреме ќе ги донесе сите одлуки изградени врз основа на препораките од Комиосијата за заразни болести и на проценките на Министерството за образование и наука и министерот   Адеми. Имаме прилично чиста ситуација. На првата седница на Владата ќе донесеме конечни и конкретни одлуки и веднаш ќе ги соопштиме. Имаме подготвено комплетен план, со сите анализи и искуства, со цел образовниот процес на учениците да тече, а да го заштитиме нивното и здравјето на нивните семејства, додаде Заев.