Инцијативен одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ бара оставка на Мицкоски и вонреден конгрес за избор на ново раководство

Иницијативен одбор за промени во опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со барање за оставка на лидерот Христијан Мицкоски и за свикување вонреден конгрес, на кој ќе се избере новo раководство. Денеска на прес-конференција пред седиштето на партијата тие ги изнесоа своите барања, при што напоменаа дека немаат конкретен предлог, туку дека преку вонредниот конгрес треба на демократски начин да им се даде можност да се кандидираат сите оние кои имаат аспирации да ја водат партијата.

На прес-конференцијата говореше досегашната пратеничка и членка на Извршниот одбор на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Весна Дамчевска Илиевска, а меѓу другите беше придружувана и од Ивица Конески, поранешен градоначалник на Аеродром.

-ВМРО ДПМНЕ има сила  и знаење и капацитет  да ја врати довербата на граѓаните  затоа што граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ  е темелник кој секогаш бил на браникот на државните интереси. ВМРО-ДМНЕ има кадри и потенцијал, кои можат да понудат   алтернатива да запре економскиот пустош, кој три години ја коси Македонија. Старо  новата коалиција на Зоран Заев не е никаква гаранција дека граѓаните ќе живеат подобро. Напротив оваа власт ниту може подобро, ниту знае подобро. За жал, на оваа власт некој и овозможи таков луксуз да победи и да формира Влада. Тука не мислиме на оние 327.000 наши сограѓани кои гласаа за Зоран Заев. Тие не се виновни. Не се виновни ниту оние стотици илјади кои останаа дома и одлучија да апстинираат, изјави Дамчевска Илиевска.

Одговорноста за тоа ја насочи кон лидерот на партијата, Мицкоски и неговите најблиски соработници.

-Виновен е тој што не ги искористи капацитетите на партијата  и форсираше поделби наместо да  ги обедини силите. Виновен е тој што не успеа да изгради и да заземе цврст став  по ниту едно прашање. Одговорност за  неуспесите мора да има. Кога еден тим губи не може да биде одговорна публиката на играчите кои биле оставени на клупа или домарот кој се грижи за соблекувалните. Одговорен е тој што го води тимот,  а тимот на ВМРО-ДПМНЕ го водеше господинот Хрисијан Мицковски, претседателот и неговите најблиски соработници, рече Дамчевска Илиевска.

Потсети дека Мицкоски како претседател на партијата ги загубил претседателските избори одржани во 2019 година и локалните избори во Охрид и Ново село.

-ВМРО ДПМНЕ со Христијан Мицкоски како претседтел за кандидат на овие избори излезе со програма и кандидати за пратеници кои не успеја  да обезбедат поддршка од граѓаните. Кадрите на Мицкоски и во техничката влада не успеаја да се наметнат како лица кои на граѓаните ќе и покажат нов и различен начин на водење на институциите  и ќе одговорат на предизвиците со кои беа соочени. Вината повторно може да се префрла, но вистината е една, вистината е дека најдоговорен е тој што го состави тимот, а тоа е господинот претседател Христијан Мицкоски, додаде таа.

Потсети дека во интервју минатата година Мицкоски изјавил дека ќе поднесе остава доколку ги загуби изборите и не успее да формира влада.

-Изборите ги загуби, а не успеа ниту да формира влада. Останува само да ја сочува честа и достоинството да си го испочитува зборот даден и да се повлече оставајќи го членството на партијата да избере нов претседател, кој ќе не поведе во нови победи, изјави Дамчевска Илиевска.

Таа нагласи дека доколку Мицкоски не свика вонреден конгрес, тие како иницијативен одбор ќе преземат чекори за закажување на конгресот.

На прашањето дали е во контакт со Сашо Мијалков, таа одговори дека нема лични контакти, но дека се среќава со него, понекогаш случајно, понекогаш по потребна, бидеќи и тој е член на партијата.