Оваа година чествувањата се според протоколи и за услови на пандемијата со КОВИД-19 кои содржат препораки за бројот на учесниците, здравствено-безбедната организација на местата каде што ќе се одржат свеченостите, транспортот и движењето до локациите и местата за посетителите и учесниците, со обезбедена дистанца и заштита. Содржините на програмите за одбележување годинава се сведени на минимум, само со положување венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања и без традиционалната културно-уметничка програма и без народните собири на отворено и во угостителските објекти.
Свеченоста на тврдината Кале во Скопје ќе почне со положување свежо цвеќе на споменикот на слободата – „Сила, слава и победа“ и со исполнување на државната химна. Владината делегација ќе ја предводи претседателот на Владата, Оливер Спасовски, во придружба на вицепремиерот Бујар Османи и министерката за финансии, Нина Ангеловска.
На свеченоста на тврдината ќе претходи положување свежо цвеќе и на спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје каде што владината делегација ќе ја предводи министерот за локална самоуправа Горан Милевски, во придружба на министерот без ресор Музафер Бајрам и заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
Во Меморијалниот центар Пелинце, каде што ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, делегацијата на Владата ќе ја предводи вицепремиерката Мила Царовска, заедно со министрите за земјоделство и за информатичко општество, Трајан Димковски и Дамјан Манчевски, и министерската без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.
Во Крушево, пак, каде што настаните ќе се одбележат под покровителство на републичкото Собрание, владината делегација ќе ја претставуваат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
И оваа година, како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот, се вклучени и содржините од Смилево, кои ќе се одржат утре (1 август) со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“. Во состав на владината делегација во Смилево ќе бидат министрите без ресор Едмонд Адеми и Елвир Хасан и заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.
Покрај делегациите на Владата, на спомен-обележјата цвеќе ќе положуваат и делегации од други државни институции, од Армијата и Сојузот на борците, претставници на политички партии, здруженија, установи и организации.
Целата програма за одбележување на Денот на Републиката – 2 Август од Скопје, Пелинце и Крушево од 10 часот ќе биде пренесувана во живо на Македонската радио-телевизија.