ВМРО-ДПМНЕ повторно бара повлекување на Годишната програма за култура и оставка од министерот

Нов ден, нови скандали околу доделените проекти во срамната Програма за култура потпишана од министерот Роберт Алаѓозовски.

Уште еден сомнителен случај за злоупотреба на државна функција кој фрла сомнеж за корупција при распределбата на средствата и проектите во Годишната програма на Министерството за култура за 2018-та година. Имено во програмата доделени се неверојатни 660.000 денари за проект на Арлинд Хисеини, кој е шеф на кабинет на државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири.

Ова е уште еден од низата скандали кои оставаат сомнеж за корупција, конфликт на интереси како и злоупотреба на службена должност од страна на раководните лица во Министерството за култура и комисиите кои одлучуваа за проектите во Годишната програма за 2018-та година.

Со ваквите скандалозни одлуки Министерството за култура ја понижува културата во Република Македонија и ги омаловажува и дискриминира националните установи кои треба да бидат носители на културното живеење во Републиката. Исто така, понижени се и огромен дел фестивали и манифестаци кои имаат повеќе децениска традиција, а кои или не се предвидени за поддршка или пак, намалена е поддршката за нивните активности.

На сметка за тоа, со народните пари се наградуваат активисти на таканаречената „Шарена Револуција“ како и партиски активисти и блиски соработници на власта. Во таа насока јавноста со право се сомнева дека критериумите за распределба на проекти и средства наместо стручни, естетски и вредносни се чисто политички.

Како што се анализираат по дејности така скандалите стануваат се побројни. Во музичката и музичко сценската дејност се занемаруваат фестивали и манифестации со децениска традиција, а се фаворизираат друштва кои наместо со култура се регистрирани за лов. Во оваа дејност бројни се и примерите за класичен конфликт на интереси, особено тој на Претседателот на комисијата кој доделил пари за факултетот каде што е продекан.

Во драмската дејност на релативно нови установи им се одобрени многу повеќе средства и проекти од театри кои постојат со децении и оваа година одбележуваат повеќедецениски јубилеј. Некои автори се фаворизирани со 4 или повеќе проекти додека на други автори во Програмата им се одобрени само еден или ниеден проект.

Во издаваштвото некои автори не само што се поддржани повеќе пати, туку и спротивно на долгогодишните политики на Министерството за култура, поддржани се и втори изданија на дела кои веќе еднаш биле поддржани во Програмите на министерството за култура во изминатите години.

Почитувани,

Во Годишната програма на Министерството за култура предводено од СДСМ и Алаѓозовски нема за цел промоција на културата во Република Македонија. Во истата нема рамноправен културен развој, на што реагираше целокупната македонски јавност, а особено бурно реагираа уметниците и културните работници.

Веќе една недела нема никаква реакција од Министерството за култура и министерот Алаѓозовски кои немаат соодветни одговори ниту ги исправаат скандалозните и нелогичните одлуки за распределба средствата и проектите во Годишната програма за 2018-та година.

Поради ваквите скандали и како и поради бурните реакции во јавноста, пред се на уметниците и културните работници, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерот за култура да ја повлече Годишната програма и истиот да понесе морална и политичка одговорност.