„Балкан Инсајт“: Новите кибер напади во С. Македонија поттик за подобра интернет заштита

Последните кибер напади министерствата за здравство и за образование во земјава, според експертите, е показател дека е потребна пософистицирана компјутерска заштита и воспоставување единствен систем на заштита што ги опфаќа сите јавни институции за одбрана од зголемениот број хакерски напади, наведува „Балкан Инсајт“.

Порталот посочува дека одговорност за нападите врз интернет страниците на министерствата за здравство и за образование презеде хакерската група „Анонопсмкд“, која претходно соопшти дека на 15 јули го хакирала и агрегаторот за вести Тајм.мк. На денот на изборите цел на кибер напад беше и веб страната на Државната изборна комисија, но Анонопсмкд отфрлаат одговорност за овој упад.

Според консултантот за компјутерска безбедност Мане Пиперевски потребно е воспоставување на единствен систем за заштита од кибер напади, што ќе ги опфати сите владини електронски услуги, вклучувајќи ги и оние на агенциите, министерствата, органите на локалната самоуправа и на секое правно лице или државна институции.

– Ова може да се постигне со постоење на државен Оперативен безбедносен центар во мешовита сопственост (51:49 отсто во корист на државата), смета Пиперевски, додавајќи дека ваков модел бил имплементиран во голем број земји од Европската Унија.

Експертот за приватност и заштита на податоците Љубица Пендароска оценува дека системот за заштита треба да биде повеќеслоен за да биде што е можно поотпорен на хакерски напади и со тоа да се зголеми заштитата на информациите и особено на личните податоци на граѓаните.

– Потребно е институциите да имаат развиен и функционален тим и постапка за брза интервенција и одговор во случај на кибер напад, вели Пендароска.

„Балкан Инсајт“ посочува дека порастот на кибер нападите врз државните институции ги зголемува стравувањата за безбедноста на целокупниот ИТ систем во земјата, особено по нејзиниот прием во НАТО.

Порталот потсетува дека лани во земјава беше формиран Националниот совет за компјутерска безбедност, кој го сочинуваат министрите за внатрешни работи, за одбрана и за информатичко општество, но тој досега се состанал само еднаш.

Според „Балкан Инсајт“, иако земјите членки на НАТО имаат примарната одговорност за својата национална кибер одбрана, Алијансата сепак обезбедува стручна поддршка и има тимови за брза реакција што може да ги распореди во итни случаи.

– Кибер експертите на НАТО можат да понудат поддршка и да споделат информации со сојузниците во реално време, вклучително и преку нашата платформа за споделување информации за малициозен софтвер. НАТО има тим за брза реакција подготвен за да им помага на сојузниците 24 часа на ден, а нашиот оперативен центар за интернет простор е оперативен, велат извори во Алијансата.

НАТО, исто така, инвестира и во обука, едукација и вежби кои ги подобруваат вештините на националните кибер експерти. – Сите обиди за мешање во демократските избори, вклучително и преку хакирање, се неприфатливи и затоа мора да бидеме будни, велат изворите од НАТО.