Нухиу-Новачек:Ќе продолжи соработката за справување со предизвиците од мигрантската криза

Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска го посети прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија каде се сретна со неговиот колега од Чешката Република, Јири Новачек, кому му се заблагодари за досегашната подршка, заедничката соработка, финансиската, техничката и помошта со присуство на физички лица во обезбедувањето на границата со Грција.

-Без оглед на фактот што МВР на Република Македонија е подготвено да се справува со сите предизвици поврзани со мигрантската криза и натаму чувствуваме потреба да продолжи нашата соработка со Чешка не само во оваа област, туку и во многу други сегменти од заеднички интерес, рече Нухиу.

Неговиот чешки колега Новачек, изрази задоволство што можел, како што рече, на лице место да се увери како се одвивала мигрантската криза во 2015 година и воодушевување од условите и организацијата на работата во прифатниот центар и на граничната кота 59.

-Мигрантската криза веќе влезе во етапа на решавање на проблемот со организираниот криминал за пренесување на мигрантите. Сфативме дека најосновна е идентификацијата на мигрантите и соработката со останатите земји во размена на информации, нагласи Новачек и потенцира дека особено му е мило што нивната помош нашла примена и понуди нова помош за нашата земја.

Чешкиот полициски генерал, Вондрашек, посочи дека по склучувањето на новиот договор помеѓу нашата земја и ФРОНТЕКС ќе има услови Чешката Република да го зголеми бројот на нивните полицајци кои ќе им помагаат на македонските колеги во обезбедување на границата со Грција.