Грујевски и Бошковски побарале азил во Грција

Денешното рочиште во судот во Солун на кое требаше да се појават поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошковски, е одложено за 17 мај 2018 поради тоа што еден од обвинетите од групата мигранти, во кои се и двајцата бегалци од Македонија, не бил уредно поканет од страна на судот, потврди за МИА н ивниот адвокат Петар Василев.

Василев потврдува и дека Грујевски и Бошковски поднеле барање за политички азил во Грција.

По Грујевски и Бошковски македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, а грчките власти ги товарат за поседување лажни патни исправи.

Тие претходно два пати беа изведени пред Судот во Солун, но рочиштата беа одлагани бидејќи грчкиот суд не можеше да обезбеди преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.

Грујевски и Бошковски беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.

Тие се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Македонските власти на 6 номври ја доставија документацијата за нивна екстрадиција од Грција.

На 13 декември Солунскиот суд треба да одлучи дали ќе го прифати барањето тие да бидат екстрадирани во Македонија.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во Солун.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *