Реџеп Исмаил за МИА: Левица е партија на новата генерација без политички багаж зад себе

 Воведување прогресивно оданочување и данок на луксуз, ревизија на приватизацијата, социјална позитивна дискриминација при вработување наместо етничка, нов начин на распределба на добрата, формирање државна аграрна банка за помош на земјоделството и легализација на канабисот за рекреативна употреба се само дел од заложбите на Левица во пресрет на предвремените парламентарни избори 2020, вели носителот на листата на кандидати за пратеници на оваа политичката партија во Изборната единица 2, Реџеп Исмаил во интервју за МИА.

– Ние пред се ги привлекуваме гласовите на граѓаните со нашата искреност, чесност и елан како нова политичка партија која што најбрзо расте и е најнезависна и најнеобична од другите политички партии затоа што ние сме партија на новата генерација која што е без политички багаж зад себе, вели Исмаил.

За идејата на ДУИ за „Прв премиер Албанец“, Исмаил смета дека тоа е крик на очај на оваа партија „која што веќе губи популарност и се држи на стаклени нозе.

– Идејата за премиер Албанец, значи премиер по етничка основа е во крајна линија примитивна. Мислам дека електоратот треба да престане да се гледа како етничка група, затоа што буржоаските партии… електоратот го гледаат како консументи и им пристапуваат како да им продаваат некакви производи, додава Исмаил.

Тој очекува по претстојните избори Левица да стане парламентарна партија и да има „барем пратеничка група во Собранието“.

Во продолжение следува интегралното интервју на носителот на листата на кандидати за пратеници на Левица во Изборната единица 2, Реџеп Исмаил.

Изборната кампања почна. Веќе ги презентиравте своите програми пред гласачите. Ќе може ли накусо ударно да наброите пет клучни работи со  кои ќе ги привлечете гласовите на граѓаните?

– Ние пред се ги привлекуваме гласовите на граѓаните со нашата искреност, чесност и елан како нова политичка партија која што најбрзо расте и е најнезависна и најнеобична од другите политички партии, затоа што ние сме партија на новата генерација која што е без политички багаж зад себе. Нејзините раководни луѓе, луѓето коишто ја раководат партијата на повисоките места, се луѓе коишто досега не учествувале во никоја власт, туку политичкото движење на Левицата е градено од почетокот, од нула, што се вика, до овој степен овие да ни се втори парламентарни избори.

Но, доколку би требало да издвоиме нешто од нашата Програма, тоа би биле пред се, на пример, прогресивните даноци коишто ги предвидуваме, како прогресивен данок на добивка и на личен доход, потоа предвидуваме закон за потекло на имот на политичарите и плус ревизија на приватизацијата како мерки коишто би требало да ги исправат оние неправди коишто се имаат случено во минатото. Потоа, мислам дека наша исто, оригинална идеја е идејата која што другите политички партии не можат да ја елаборираат затоа што идеолошки не можат да пристапат до тоа. Тоа е нашата заложба за заминување на онаа дискриминација при вработување, значи позитивната дискриминација по етничка линија ние се залагаме да се замени со социјална позитивна дискриминација при вработувањето, односно тоа значи да имаат одредена  предност при вработувањето луѓето коишто се посиромашни и луѓето коишто доаѓаат од посиромашни семејства.

Потоа, би можел да кажам исто и нашиот став во однос на сегашниот Устав којшто сметаме дека како темел на правниот систем од кој извираат многу неправилности, ние се залагаме во нашата Програма за нов граѓански устав којшто ќе ги надмине овие елементи коишто ги има сегашниот Устав на еден вид „трибализам“ и самиот Устав е сегрегирачки, го сегрегира општеството по етничка линија.

Левица е една од ретките партии во земјава со јасно изразена анти-НАТО реторика. Дали тоа значи дека ако бидете во позиција на власт ќе иницирате истапување на државата од НАТО?

– Апсолутно да, затоа што НАТО е една воена организација. Ние сме антимилитаристичка партија и освен тоа НАТО има премногу работи коишто ги има направено во надворешната политика, односно во смисла на прекршување на меѓународниот поредок, мисии коишто немаат одобрение од Обединетите нации, туку едноставно служат за империјалистички поход на големите сили, како САД.

Економијата ќе биде најголем предизвик во периодот којшто следи имајќи ги предвид последиците од корона кризата. Какви проекти нуди Вашата партија во насока на подобрување на економската и социјалната состојба?

– Економијата е секогаш предизвик, но она по што ние се разликуваме како ја гледаме економијата е тоа дека во однос на економијата како производствено богатство ние сметаме дека не треба да се фокусира премногу на растот – на економскиот раст, затоа што Македонија продуцира доволно добра. Големиот проблем е што тие добра не се распределуваат подеднакво, односно дистрибуцијата на добра е исклучително лоша и ние сме земја со најголема класна раслоеност во Европа, се разбира и пошироко. Од тој аспект, ние, на пример, имаме неколку работи коишто, односно предвидуваме неколку решенија како што се прогресивните даноци, плус имаме данок на луксуз, ја спомнав и социјалната позитивна дискриминација при вработување, како и во однос на распределбата на добрата.

Потоа, можам да издвојам исто и нашата идеја за една аграрна банка – државна аграрна банка која што ќе биде централна институција која што ќе го раководи земјоделието, производството, трговијата со земјоделски продукти, ќе дава субвенции, но повеќе субвенции за мали земјоделци и плус предвидуваме тука оваа институција како централна за земјоделието да го организира како наша најперспективна гранка во Македонија и во исто време најеколошка гранка, а со тоа сакаме и да ги заштитиме нашите еколошки подрачја. Како што знаете, ние сме исто и големи противници на рудниците коишто се отвораат ширум Македонија. Така што мислам дека земјоделието е една важна гранка која што треба да се поттикне кај нас и со ваквата централна институција како аграрна банка ќе се овозможи земјоделието повторно да стане конкурентно.

Потоа можам исто да ја кажам нашата идеја за Институтот за канабис на Земјоделскиот факултет. Значи, ние предвидуваме и посебен закон којшто ќе го регулира…

Дали тоа значи и легализација на канабисот?

Да значи легализација на канабисот за рекреативна употреба, но значи и идеја за развивање на индустријата на канабис како подгранка на земјоделието и со тој закон како лекс специјалис, да се уредува трговијата, производството и начинот на користење на канабисот, а не како сега само одредени блиски луѓе до власта да земаат лиценца и да ги продаваат лиценците за огромни пари на странски фирми, а млади деца да се апсат за два грама марихуана по град.

Имаме неспецифична кампања во специфични услови на епидемија на Ковид-19. Како вие се промовирате пред гласачите?

– Ние генерално организираме делење на флаери и пристап до граѓаните, разговараме со нив. Се трудиме максимално да ги почитуваме одредбите коишто се од Комисијата. Каде што одиме организираме наши маски, наши ракавици, но имаме еден проблем што луѓето многу срдечно не примаат и буквално некогаш на улица… Ние се организираме некаде во партија, се организираме неколку луѓе, тука тројца, тука ќе одат петмина, но буквално кога ќе излеземе на терен луѓе ни се приклучуваат по час, 15 минути, значи викаат и јас сакам да делам со вас и тука е малку проблем. Ама мораш да ставиш маска, мораш да ставиш ракавици и некогаш  се случува тоа да биде одреден период да се случи има некој што ќе се приклучи, а да не ги има сите тие работи. Но, се разбира нашиот одговорен на терен веднаш пристапува. Се трудиме максимално да ги почитуваме мерките.

ДУИ излезе на овие избори со мотото „Прв премиер Албанец“ и го промовираше Насер Зибери како нивни кандидат за иден премиер. Како ја оценувате оваа стратегија на ДУИ и што според вас тоа би значело за албанскиот електорат во земјата?

– Па, пред се мислам дека оваа стратегија на ДУИ е еден крик на очај на партијата која што веќе губи популарност и се држи на стаклени нозе, се држи на сила, би рекол со оние синџир гласови коишто ги има како резултат на нејзината улога на биро за вработување. Идејата за премиер Албанец, значи премиер по етничка основа е во крајна линија примитивна, да кажам. Мислам дека електоратот треба да престане да се гледа како етничка група затоа што буржоаските партии, односно партиите коишто учествуваат во власта, електоратот го гледаат како консументи и им пристапуваат како да им продаваат некакви производи. Ние електоратот го гледаме како политички чинители, активни чинители. Сметаме дека без нивно учество во јавниот живот, во политичкиот живот и по изборите не може да се направат некои посериозни промени.

Затоа сметаме дека треба да се надмине таа етничка сегрегација на електоратот и да се пристапува кон него со чисто политички програми што се вели, и сега во овој дел, исклучително е тешко да се промовираат програми кога гледаме со каков пристап големите партии пристапуваат, односно како ги привлекуваат гласовите. Значи нивната реклама е тотално маркетиншки, што се вели. Како што кажав, како да продаваат производи. Воопшто не ги образуваат гласачите, а тоа е голем проблем според нас.

Некои поранешни членови на Вашата партија го обвинуваат актуелното раководство на Левица дека презело контрола врз партијата со фалсификување на документи. Ваш коментар на овие обвинувања?

– Па мислам дека тука Судот донесе неколку одлуки во наша полза и тука завршува приказната, а тие обвинувања се чиста измислица и се појавуваат секогаш пред избори. И тоа е индикација со каква намера се. Сега не ги следам толку многу, но мислам дека тука има елементи на клевета од некои личности што мислам дека задолжените институции во државата треба да реагираат на тоа. Но, сепак, мислам дека тоа се некои минорни ликови коишто намерно се појавуваат токму пред изборна кампања и со тоа не се занимаваме многу.

Колку мандати очекува Левица на овие избори? Сметате ли дека ќе имавте поголеми шанси за подобри резултати доколку се изменеше изборниот систем и се воведеше една изборна единица?

– Апсолутно. Ние се залагаме за една изборна единица и цело време имаме критика кон овој изборен модел. Проблем со овој изборен модел е тоа што тој не е фер, значи од многуте системски фаворизации на големите партии, изборниот модел е една од тие и тој ги фаворизира големите партии и тие меѓу нив имаат некаков премолчен договор во однос на изборниот модел и секоја партија пред да дојде на власт ветува (промена), затоа што од Европа, одредени меѓународни институции цело време праќаат порака дека треба да се смени изборниот модел. Тие ветуваат пред избори, но потоа се си останува по старо. Не го менуваат затоа што знаат дека според нашите проценки големите партии ќе изгубат едно пет-шест пратеници и Парламентот ќе стане пошарен – младите политички сили ќе може повеќе да се интегрираат во политичкиот живот и затоа не го прават тоа.

Во однос на тоа колку ние очекуваме сега и со овој изборен модел, очекуваме да имаме барем парламентарна група во Собранието и се надеваме дека тоа ќе се оствари.

И за крај, вашата порака до читателите на МИА.

– Нашата порака и до читателите и до сите коишто имаат право на глас е да не се замајуваат со црната кампања која што се води на политичката сцена, иако во дел од црната кампања има и вистина, туку да ги гледаат програмите и идеите коишто произлегуваат од политичките партии и секако да излезат да го искористат својот глас. Колку и да тоа е ризично и опасно во една ваква состојба со пандемијата сепак максимално да се заштитат, максимално да ги почитуваат препораките коишто ќе се одредат за процесот на самото гласање и да излезат да гласаат.