Изложба за Мајка Тереза во Јапонија

Изложбата „Мајка Тереза, Светица од Скопје, Светица на светот” е постевена во Sophia University, во Токио на иницијатива на Амбасадата на Република Македонија во Токио и во соработка со Спомен куќата на Мајка Тереза.

Покрај претставување на животот и делото на Мајка Тереза, изложбата има за цел да ја прикаже силната врска меѓу Мајка Тереза и Јапонија, за што говори и фактот што голем број јапонски уметници дел од својата работа ја посветиле токму на нејзиниот живот и мисија.

Изложбата се одржува во Sophia University, каде Мајка Тереза имала прилика да одржи предавања во три наврати, и тоа во 1981, 1982 и 1984 година. Ја сочинуваат 24 колажи со фотографии, што даваат хронолошки приказ на животот и хуманата мисија на Мајка Тереза, а ќе може да се види до 8 декември 2017 година .

Иницирана е од Амбасадата на РМ во Токио, како резултат на големата почит на јапонскиот народ кон Мајка Тереза,  а се реализира со поддршка од страна на Министерството за Култура на Република Македонија и Спомен куќата на Мајка Тереза, која се јавува и како организатор на настанот.

На изложбата учествуваат и фотографот Цунехико Момосе, кој за прикажување на фотографиите на Мајка Тереза ја користи традиционалната јапонска хартија “washi” и Таеко Тада, автор на книгата „Чудото од Хирошима”, за чие пишување како инспирација и послужила Мајка Тереза. Со сопствени фотографии и книги како учесник во изложбата се јавува и Отец Хироши Катајанаги, кој по остварените контакти со Мајка Тереза и инспириран од нејзината хуманитарна мисија одлучил да стане католички свештеник и да го шири делото и пораките на Мајка Тереза преку организирање отворени предавања, изложби, издавање публикации и сл.

Изложбата е збогатена и со книги чиј автор е Каору Игараши, кој по остварената средба со Мајка Тереза основал НВО за грижа за болните деца и децата без родители.

На свеченото отворање на изложбата на 28-ми ноември, пригодно обраќање имаа првиот резидентен амбасадор на РМ во Јапонија Андријана Цветковиќ, директорот на Спомен куќата на Мајка Тереза Рената Кутера Здравковска, претседателот на Sophia Univeristy Јошиаке Терумичи.

На настанот учествуваа високи владини претставници, парламентарци, голем број амбасадори и претставници од дипломатскиот кор, како и видни личности од општествениот и јавниот живот во Јапонија. Настанот беше медиумски покриен од најголемите јапонски весници Јомиури Шинбун, Јапан Тајмс, и Маиничи Шинбун.