По тримесечниот привремен прекин состојбата на граничниот премин „Блато“ се враќа во нормала

Заедничка оценка на надлежните од двете страни на границата е дека состојбата на граничниот премин „Блато“ на македонско – албанската граница кај Дебар се враќа во нормала, по тримесечниот привремен прекин поради пандемијата со Ковид-19.

Идентична е состојбата и на вториот граничен премин,Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер. Во летниот период работи од 8:00 до 20:00 часот и е дозволен премин само на локалното население од Дебар и областа Голо Брдо.

-На двата гранични премина, од петокот кога беа повторно отворени, фреквенцијата пополека се зголемува. Тоа го потврдуваат и податоците. Ако првиот ден преку двата гранични премина кај Дебар минале над 400 лица, за време на викендот, тоа го направиле 4.201 патник, повеќето албански државјани. Поголемот број од нив или 3.950 на преминот Блато, од нив 2.011 за влез и 580 за излез од нашата земја. На граничен премин Џепиште – Требиште за влез се регистрани 143 додека за излез 108 лица, или вкупно 251, изјави за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Додаде дека протекот на патници се одвива без проблеми и нема задржување.

Истата оценка ја даде и албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Лешај, за време на престојот на преминот Блато од албанска страна.

Според него, со завршување на изградбата на автопатот Руга е Арбрит(патот на Арбр), што треба да се случи до година, ќе се отври „нова перпектива за поширокиот регион и ќе се зголеми трговската и туристичката размена на овој премин“.

Поради тоа, како што најави, се преземаат мерки „да се одговори на оваа ветувачка реалност“.

-Проектот на утрешнината е со Северна Македонија на овој премин да воспоставиме заедничка контрола, што ќе го олесни протекот на патници и возила од двете страни на границата, изјави Лешај.

Додаде дека просечната фреквенција на годишно ниво на овој премин е околу 350.000 патници и повеќе од илјада товарни возила, што со изградбата на автопатот се очекува да биде многу поголема.

Тоа поради фактот што со изградбата на автопатот оддалеченоста од преминот Блато до Тирана ќе изнесува 72 километри, што е за стотина километри покуса траса од актуелната.