Спасовски: Правна држава, евроатлантски интеграции и развој на економијата

Ова е голем ден за правдата во нашата држава, а со тоа и за брзата развојна економија што ја најавуваме во следниот четиригодишен мандат, бидејќи стапи на сила Законот за јавно обвинителство со кој се поставени основите за правна држава, рече на денешната прес конференција, носителот на листата од ИЕ 2 од СДСМ, Оливер Спасовски од општина Старо Нагоричане.

– Сите предмети што го отвори СЈО се спасени и се гарантира судска разрешница – и покрај сите блокади што ги правеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И од државниот јавен обвинител се слушна денеска уверување дека сите предмети ќе добијат судска разрешница и тоа така мора да биде и ќе биде, за да биде задоволена правдата. Правда за сите ветивме и остваруваме. Режимските остатоци во судстството и врвот на ВМРО-ДПМНЕ тоа не успеаја да го спречат-рече Спасовски.

Во наредните четири години, додаде Спасовски, целосно ќе се заокружи оваа цел и ќе се прочисти правосудството, од, како што истакна, корумпираните судии и обвинители, поврзани со режимот што е поразен на претходите избори.

Тој нагласи дека ќе се продолжи по правиот пат, правна држава, евроатлантските интеграции и брза развојна економија со повисоки плати и пензии, поголема финансиска поддршка на младите луѓе во следните четири години. Потенцира дека препреките за развој на економијата се надминати, државата е членка на НАТО, добиена е одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

– И тоа даде резултат од 624 милиони евра странски инвестиции, најмногу во Југоисточна Европа, со што ја завршивме 2019 година, а денес се веќе над 660 милиони евра, рече Спасовски. Земјата, смета тој, е најповолна за инвестирање во регионот поради сигурноста што е обезбедена.

– Ако на стартот на интеграциите имаме 660 милиони евра странски директни инвестиции – со почетокот на преговорите со ЕУ и со воспоставената функционална правда што ја бараат инвеститорите, со право најавуваме една милијарда евра странски инвестиции до крајот на мандатот, најави Спасовски.

Во програмата која ја нудат, истакна Спасовски, се обврзуваат дека ќе ги поддржат домашните и странските компании со 600 милиони евра – 300 милиони од буџетот и 300 од европските фондови, просечна плата до крајот на мандатот ќе биде 34.000 денари, а минимална плата од 20.000 денари.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *