„Виз Ер“ на 1 и 2 јули ги отвора аеродромите во Скопје и Охрид

Со лет на „Виз ер“ во среда се отвора Меѓународниот аеродрoм – Скопје. „Виз Ер“ ќе го отвори и аеродромот во Охрид  „Свети Апостол Павле“ в четврток со лет со кој ќе допатуваат туристи од Холандија и Полска, соопшти генералниот директор на ТАВ – Македонија, Алпер Ерсој.

Протоколите се подготвени и се по сите светски стандарди. Како што напомена Ерсој, патниците мора да дојдат три часа пред летот зашто проверките поради заштитните мерки се малку позабавени. Во авионите нема да има ограничување на местата за седење зашто, како што рече Ерсој, летањето би било неисплатливо. Патниците ќе мора да носат заштитни маски за цело време на летот, а кабините на авионите, потенцира Ерсој, се опремени со специјални хепа филтри кои уништуваат 99,9 отсто од вирусите и бактериите.

-Затоа авионскиот транспорт ќе биде набезбеден јавен превоз, посочи Ерсој.

Министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го посетија Скопскиот аеродром и имаше средба со менаџментот на ТАВ,  потврди дека во среда, на 1 јули, двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, се отвораат.

Филипче информира и дека денеска ќе разговара со грчкиот колега во врска со отворањето на граничниот премин Евзони, а за влез на нашите граѓани во земјите-членки на ЕУ, веќе разговарал со претставници на Советот за здравство на Европската комисија и повторно има закажано состаноци за утре и за четврток.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пак, минатата недела разговарал со надлежните во „Виз ер“. Рече дека согласно Договорот за финансика поддршка, очекува од први јули да продолжат летовите што беа стопирани во март поради КОИВИД-19

-Протоколот на Меѓународниот аеродрoм – Скопје е според сите светски стандарди. Целосно се застапени основните заштитни мерки – дистанца, дезинфекциски средства и обврска за носење маски, а на влезот е поставена и термална камера. Скринингот ќе продолжи, ќе функицонира и собата за изолација, изјави Филипче по посетата на Аеродромот и средбата со менаџментот.