Д-р Стефан Влахов Мицов – професор, историчар, писател, публицист и бранител на Македонците во етничка Македонија

Стефан Влахов Мицов е универзитетски професор, историчар, писател, публицист и бранител на Македонците во етничка Македонија и насекаде по светот. Тој е автор на богат научно-истражувачки опус. Негови најзначајни дела се: „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“, ,„Држава – како се гради и брани“, „Балканска психологија – државници и марионети“, „Творечки дострели во македонски дух“, „Филозофија на балканскиот пекол“ и најновото негово дело „Македонска национална програма“

Стефан Влахов Мицов е историчар и авторот кој пишува за македонската историја и за вредностите создавани низ вековите. Тој е вљубеник во Македонија и ги брани интересите и правата на Македонците насекаде по светот, особено на Македонците во пиринскиот дел на Македонија. Тоа го прави со пишувањето на колумни и други текстови од историјата на македонскиот народ во македонското гласило „Народна волја“, весник кој се печати во Благоевград (Горна Џумаја), во пиринскиот дел на Македонија.

Инаку „Народна волја“ е македонски весник за теорија, историја, култура и уметност. Тој е единствениот македонски весник во пиринскиот дел на Македонија, и воопшто, во Бугарија. Весникот „Народна волја“ излегува еднаш месечно и се печати двојазично, на македонски и на бугарски јазик.

Првиот број на „Народна волја“ излегол на 1 октомври 1980 година во Сиднеј, Австралија. Како негови основачи се јавуваат повеќемина македонски емигранти, претежно од пиринскиот дел на Македонија. Името „Народна волја“ е земено во спомен на истоимениот весник, издаван во почетокот на XX век од Јане Сандански и неговите приврзаници – санданистите.

За прв главен уредник на новата „Народна волја“ беше избран Александар Христов (1929 – 2005). Поради неговото враќање во Лондон, заедно со него се преселува и седиштето на редакцијата, па долги години потоа весникот излегува во Англија.

1.0.9

Габрово

1.1.0

Во 1989 година во Република Бугарија паѓа тоталитарниот режим на комунистичкиот диктатор Тодор Живков, со што се создадени неопходните услови за понатамошна демократизација на бугарското општество. Кај пиринските Македонци се раѓа надеж за подобрување на нивната положба, и така се донесува решение весникот да се пресели во родниот крај на неговите основачи. Во април 1992 година, во Благоевград излезе првиот број во новото седиште, сега и со новата редакција, чиј главен уредник е Георги Христов, брат на Александар Христов. Оттогаш весникот излегува непрекинато до ден-денес.

Инаку, на подрачјето на Пиринска Македонија е кренато Кресненското (Македонското) востание против османлиската власт во 1878/79 година со центар во Кресна, кое имало силен македонски национален карактер и цел да создаде независна автономна македонска држава. Кон крајот на XIX век на територијата на Пирин Планина со својата чета царувал големиот македонски револуционер и великан Јане Сандански, кој бил близок соработник на Гоце Делчев и најголем борец против врховизмот. Тој бил познат под прекарот „Пирински цар“ кој ќе го изврши познатото грабнување на протестантската мисионерка Мис Стоун.

По Втората светска војна во времето на владеењето на Георги Димитров, Македонците од Пиринска Македонија ќе добијат целосна културна автономија која требала преку законска рамка да прерасне во територијална автономија и Пиринска Македонија да се обедини кон тогашната НР Македонија како кон матична држава во рамките на Балканската федерација.

Историчарот Стефан Влахов Мицов е роден на 6 февруари 1956 година во Габрово, Бугарија. Неговата мајка е од македонско потекло, a мајката на неговиот татко била од куманско потекло (номадски племиња од турско потекло).  Семејното воспитување, но и фактот дека е од мешан брак го натерало да посака да ги осознае деталите во врска со својот идентитет и затоа себеси се смета за особено чувствителен по прашањето на националните малцинства на Балканот.

Инаку, Габрово родното место на Мицов е град во централна Бугарија сместен на северните падини на шипченскиот дел на Старата Планина, краj реката Јатра. Градот е административен центар на Општина Габрово. При археолошките ископувања (1985 и 1989 година) била проучена повеќеслојната некропола во центарот на Габрово, која датира од периодот на ХІІІ-ХІХ век и остатоците од црквата „Света Петка“.

Со тоа било потврдено минатото на населбата на габровска земjа од времето на Втората бугарска држава. Исто така, интересно е да се потенцира дека во Историскиот музеj на Габрово сe наоѓа првата бугарска банкнота со сериски број 000001 од 1881 година, една од трите златни монети на Филип Македонски од ІІІ век  пред новата ера.

Габрово е познат и по тоа што наjстарото друштво на Црвениот крст на Балканот е основано на 1 ноември 1883 година токму во овој град. Тука е и Палатата на хуморот и сатирата – културен институт, центар, музеj и галериja за популaризирање на светската хумористичка уметност.

Стефан Влахов Мицов во родното место Габрово учел математичка гимназија, а на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ специјализирал историја (со потесна специјалност балканистика), филозофија и реторика, кои ги завршува со одличен успех.

Во текот на студиите  покрај ласкавите признанија кои ги добивал (бил заменик-претседател на Клубот за техничко и научно творештво на факултетот, претседател на научниот кружок по историја на Бугарија, во кој учествувал и  тогашниот претседател Георги Прванов. Историјата започнувала да го ограничува поради догматизмот  и манипулативноста на поднесената фактологија.

Притоа, бугарската интерпретација на историјата која ја изучувал во текот на студиите ја смета за „сува статика потчинета на класно–партиските и националистичките, односно идеолошките постулати“.

Во 1981 година, како докторант по социологија на политиката, ја одбира темата „Врските и претставувањата на Бугарите во светот (до Преродбата)“. Проширувањето на сознанијата во текот на изработката на докторатот го доведува во судир со политиката во средината во која живее.

1.1.1

Четата на Јане Сандански

Од 1984 година е предавач на Филозофскиот факултет на Софискиот универзитет, како  доктор по филозофски науки. Потоа, во 1988 година оди на специјализација во тогашен Ленинград. Во последната деценија на минатиот век се обидува, како што вели самиот, да ја исполни со содржина некогашната квалификација „безобразно информиран“. Затоа во тој период ги пишува трудовите „Кој го уби Христо Ботев“ и „Парадокси на социјално-политичкиот живот кај Бугарите“.

Во есента 1998 година е поканет да учествува со свое предавање на 50-годишниот јубилеј на Институтот за национална историја на Македонија во Скопје, каде настапил со предавање на тема:  „Проблемите на балканската историографија и политиката спрема Македонија“.

Неговиот публицистички опус е доста широк. Има објавено книги во различни области: литературна критика, филозофија на историјата, социјална психологија, и политикологија, објавени на македонски, германски, руски, полски, фински, турски, арапски и италијански јазик.

Стефан Мицов има објавено повеќе од 1200 статии во печатени и електронски медиуми, а  автор е и на девет книги. Во Македонија се објавени неговите книги:„Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“, „Неомеѓени мисли“ и „Македонска национална програма“.

Во 2006 година има учествувано на Меѓународиот семинар за македонски јазик, литература и култура со научен труд на тема „Историски интерпретации и манипулации врз творештвото на Вапцаров“.

Во публикацијата на МАНУ издадена по повод стогодишнината од Илинденското востание тој има свој труд под наслов „Илинденската епопеja и филозофскиoт клуч за македонскиот идентитет“.

Од 1990 до 1998 година е заменик-претседател на Сојузот на слободните писатели на Бугарија. Од 1998 година е претседател на Сојузот на слободните писатели на Бугарија. Потоа бил директор на Македонскиот културен центар во Софија. Секретар е на Друштвото за бугарско-македонско пријателство.

Од 2007 година до денес држи редовни предавања на универзитетот ФОН во Скопје за животот и делото на Крсте Петков Мисирков. Истата година е прогласен и за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

1.1.2 1.1.3

Наградата „Ѕвезден македониум“ која се доделува на меѓународна поетска манифестација „Мирче Нешовски низ ѕвезденото небо“, која се одржа во скопската населба Капиштец, во пресрет на 52. издание на Струшките вечери на поезијата, на 22 август 2013 година му беше доделена на Стефан Влахов Мицов за развој на македонската национална кауза и историја.

За одбележување е исто така што, Стефан Влахов Мицов беше почесен гостин на 44. Гоцева комитска вечер во организација на „Обединети Македонци“, што се одржа во мај 2016 година во Торонто, Канада. Гоцевата вечер се одржува по повод роденденот на големиот Македонец. Според зборовите на Мицов тоа било величествен настан, со стотици присутни, кога Македонците од етничка Македонија го прославуваат 24 мај, денот на сесловенските просветители солунските браќа, свети Кирил и свети Методиј.

Исто така, 2016 година за Стефан Влахов Мицов ќе остане во длабоко сеќавање, бидејќи во ноември таа година, во издание на „Матица македонска“ од Скопје  излезе од печат неговата книга „Македонска национална програма“, во која пишува за македонската историја и за вредностите создавани низ вековите.

Делото е опстојна анализа на македонското битисување низ вековите и милениумите бидејќи авторот Стефан Влахов Мицов има голем талент и сознанија од историјата. Во неа се содржани националните програми на Балканот, како и тоа зошто ние Македонците немаме национална програма.

Продолжува

 d5

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН