Почна изградбата на атмосферската кнализација во светниколската населба „Шутка“, каде што над 1.000 домаќинства речиси две децении имаа проблеми со избивањето на канализацијата. Министерот за транспорти и врски, Горан Сугарески и градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски денеска извршија увид во градежните работи на неколку инфраструктурни проекти, кои се реализираат со средства од Министерството за транспорт и врски.
-Сметам дека согласно динамиката, којашто ја има и во најбрзи можни рокови овие работи ќе бидат во целост завршени и на тој начин ќе овозможиме граѓаните да ги користат овие атмосферски канализации, водоводните и канализациони линии коишто треба да бидат направени во следните месец до два, вели Сугарески.
Тој информираше дека интензивно се гради и социјалната зграда во Свети Николе.
-Од она што ме информираше градоначалникот навистина има одлична динамика. Така да и тоа ќе продолжи во наредниот периот. Сакам да најавам дека почнува рехабилитација на патот од Горубинци до Сушица, во многу брз временски период треба да почне со рехабилитација. Исклучително ми е важно што динамиката на активности, коишто се прават покрај автопатот Штип-Миладиновци, а тоа се двата експресни патишта, кои се во овој регион, и тоа од Штип до Кочани, првата делница Штип-Крупиште е на самиот крај, исто така интензивно се работи и на втората делница од Крупиште до Кочани. Интензивна динамика имаме од Штип до Радовиш, вели Сугарески.
Тој истакна дека 850.000 евра ќе се инвестираат во Свети Николе во делот на изградбата на локални патишта и улици. Забележа дека градежната сезона е полн ек и има какошто рече има силна градежна сезона на нови патишта, улици, како и на гасификацијата во земјава.
-Можам да кажам дека она високо ниво на реализирани капитални инвестиции од страна на Министерството од 86% ланската година ќе биде уште поголемо и оваа година, рече Сугарески.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашко Велковски рече дека почнати се шест капитални проекти за водоводи, канализации и атмосферска канализација во општината, а вкупната вредност на проектите е околу 14 милиони денари.
-Со овие средства треба да се изгради канализација во должина од три километри и водовод над 300 метри. Тука на ова место, населението на град Свети Николе имаат 20 години проблем со избивање на канализацијата при најмали врнежи на дожд, а еве при крај се и градежните работи на овој реон, а потоа продолжуваме на „Кнежевски пат“, „Рудина“ и „Васка Циклева“, рече Велковски.
Тој потенцираше дека деновиве заврши реконструкцијата на локалниот пат меѓу селата Пеширово и Ерџелија, како и изградба на улици во селото Црнилиште, а наредниот период почнува и изградбата на велосипедска патека во должина од два километри до локалитетот „Била Зора“.