Дива депонија од градежен шут на Попова Шапка

Градењето на нови викендички како и реновирање на старите објекти се причините се поголема да биде дивата депонија со градежен шут на Попова Шапка. Остатоците од градежните материјали се оставаат на потегот од викенд-населбата во правец кон месностите Јелак и Лешница. Наместо во модерен туристичко-скијачки центар се ризикува Попова Шапка да биде место кое ќе се одбегнува, велат граѓаните и спортистите со оглед дека постојан проблем таму е и складирањето на комуналниот смет.

Надир Мурсели, еден од најпознатите тетовски алпинисти кој живее на релација Македонија-Швајцарија образложува дека за развој на планинските спортови и туризмот е недозволиво да се создава ваква депонија во скијачко-рекреативен центар како што е Попова Шапка. Според него потребно е итно планско справување со сите проблеми за да не се дозволи уште полоши слики како оние од дивата депонија со градежен шут.

-Тетово и Попова Шапкат имаат планинари, алпинисти, скијачи, параглајдеристи, планински велосипедисти со голема традиција и добри резултати. Но никој не ги прашува низ за мислење околу Попова Шапка, што е спротивно на тоа што се прави во врвните центри кај кои одиме секоја година како Шамони, Зермат, Гринвалд и други. За успех мораш да имаш добар рецепт, а рецептот сме ние горе наведените спортисти, објаснува Мурсели.

Од невладината организација Еко Герила потенцираат дека градежниот шут е проблематика со која локалната самоуправа со децении не успеваа да се справи. Како што има депонии низ целиот тетовски регион создавањето на иста таква и на Попова Шапка е овозможена од немањето решение за ваков вид на отпад.

-Тетово има голема потреба и за соодветна локација за депонирање на градежниот шут. Иако оваа тема е веќе отворена неколку пати до сега, и истовремено од Општина Тетово се ветуваше дека ова прашање ќе се решава во најитен можен рок, и ден денеска многу локации во Полошко се фрла градежен шут. Најсрамното нешто е што цел рид од планина на Попова Шапка е исто така полн со градежен шут од реновирање или изградба на вили. Ова е многу лоша слика за планинарскиот и руралниот туризам кој што властите го промовираат. Сметаме дека треба да се зголемат капацитетите на локалниот инспекторат за животна средина и да се пишуваат казни за сопствениците на вилите и за компаниите кои работат на реновирање или изградба на истите, изјави Аријанит Џафери од Еко Герила.

Според членот 54 од законот за управување со отпад правните и физички лица кои при изведување градежни работи создаваат инертен (градежен) шут се должни самите да го соберат и транспортираат отпадот определени од општините или да ги предадат на овластени правни лица кои транспортираат отпад.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *