Центарот за јавно здравје – Прилеп денеска организира предавање на тема „Превенција на малигни заболувања“ и акција за можноста секој поединец или колектив да го даде својот придонес во намалувањето на глобалниот товар од ракот.
Според д-р Аксиња Гарбеска Кебакоска од Центарот за јавно здравје – Прилеп, постојано е во пораст бројот на заболени од малигни заболувања, но и смртните случаи.
– Во 2010 година во Македонија од рак умреле 3.705 лица, а во 2016 година бројот на починати е зголемен на 3.882 лица. Мажите двапати почесто умираат од карцином. Кај нив најчеста причина за смрт од малигни неоплазми е малигната неоплазма на бронхиите и белите дробови. Стапката на морталитет се движи околу 65 починати на 100.000 мажи годишно. Кај жените најчеста причина за смрт е малигната неоплазма на дојката, посочи д-р Гарбеска Кебакоска.
Ракот во моментот е причината за еден од шест смртни случаи на глобално ниво.
Крајната цел не само на здравствените институции, туку и на сите е преземање превентивни мерки за намалување на бројот на заболени од рак и обезбедување подобар квалитет на животот, велат од Центарот за јавно здравје – Прилеп.