Синдикатите контра Ангеловска: Не смее да се дозволи отпуштање на вработени

Синдикати и здруженија на граѓани кои се залагаат за правата на работниците во заедничка реакција се спротиставуваат на изјавата на министерката за финансии Нина Ангеловска за олабавување на условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката за субвенции на плати за стопанството.

– Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија. Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците.  Не смее да се заборави дека средствата од кои се финансираат овие мерки доаѓаат од даночните обврзници, односно се пари на сите граѓани на оваа држава, па затоа треба да се трошат за доброто на сите, а не само за доброто на одредени групи моќници, се вели во заедничката реакција.

Тие бараат одговорност од министерката за финансии и веднаш да запре процесот на измена и дополнување на Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза во насока на давање на можност на работодавачите кои користат финансиска помош од државата, да отпуштаат вработени.

Синдикатите и здруженијата на граѓани бараат да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со работниците и ниту една ваква одлука да не помине без нивна согласност.

Во заедничката реакција се потпишани Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Независниот академски синдикат (НАкС), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ),  Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншкиот комитет за човекови права, здружението на граѓани „Гласен Текстилец“, левичарското движење „Солидарност“,  ЈАДРО – Асоцијацијата на независната културна сцена, здружението на граѓани „Прес ту Егзит“ Скопје и асоцијацијата Контрапункт.