Јованоски: За продолжениот празничен викенд да нема собирања

Четири нови случаи на заразени од коронавирусот денеска се регистрирани во Прилеп со што вкупната бројка досега е 147 лица, но градот бележи вкупно 41 излекувано лице, заедно со денес излекуваните 10 пациенти.  Вчера на Инфективната клиника во Скопје битката со коронавирусот ја загубија двајца прилепчани.

Во самоизолација се наоѓаат 228 граѓани, а во изминатото деноноќие се забележани две нарушувања на полицискиот час. На Инфективното одделение во Прилепската болница се хоспитализирани 18 пациенти, а 15 од нив се позитивни на Ковид-19,  тројца се наоѓаат на одделот за изолација, од кои двајца се негативни на коронавирус, а на еден му е земен брис и се чекаат резултати.

По денешнниот состанок на Кризниот штаб, кој средбите ги одржува он-лајн, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски упати апел  за празничниот викенд, граѓаните да не се собираат.

-Апелирам, во текот на претстојниот продолжен првомајски викенд, да нема масовно собирање и групирање на граѓаните на затворен и отворен простор, односно по викендиците и излетничките места во општината. Олабавените мерки од Владата, да не се злоупотребуваат, а граѓаните да ги искористат за индивидуални прошетки, затоа што опасноста од коронавирусот сѐ уште постои, изјави Јованоски.

Јованоски за в понеделник најави, како што рече на негова иницијатива, крводарителска акција во соработка со Институтот за трансфузиологија од Скопје. Акцијата ќе се одржи од 9:00 до 14:00 часот во просториите на прилепската локална самоуправа.

Тој потсети на преземените мерки со последната децинфекција на градот и на донациите од заштитни средства со што им се олеснува на граѓаните да ја спроведат заштитата.

-Деновиве пристигна донацијата од Министерство за здравство преку Дирекција за заштита и спасување, од 32.000 заштитини маски, а вчера пристигна и донацијата од  200 заштитни одела – скафандери, од збратимениот град Дејанг, од кинеската провинција Си Чуан, како поддршка во справувањето со пандемијата на Ковид-19. Досега на прилепчани, преку Општината, им се поделени околу 80.000 бесплатни заштитни маски. Се додека има потреба, општината ќе дистрибуира бесплатни заштитни маски, изјави Јованоски.

Во знак на солидарност и хуманост, нагласи дека ќе прима минимална плата од 14.500 денари, а другиот дел ќе го уплати на сметката на Фондот за бoрба против  КОВИД-19.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *