85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ

ВРАЌАЊЕ НА ГОЈКО ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ДА СТУДИРА ВО СКОПЈЕ

По завршувањето на средното училиште во Софија, во 1955 година, Гојко се вратил во неговата родна Македонија, тогаш Народна Република Македонија во рамките на ФНРЈ – Федеративна Народна Република Југославија, за да продолжи со својата надообразба.

Гојко се вратил во главниот град на државата за кој се вели дека ако Македонија е најубавата земја на Балканот, тогаш Скопје  е срцевината на таа македонска убавина. И не случајно, зашто на овие простори Скопје некогаш било седиштето на бројни владетели, а денес престолнина на независна, самостојна и демократска Македонија.

Се вратил за да живее во Скопје, најголемиот, а воедно и главниот град на Република Македонија. Тој е град на легендите, митовите, на градителствата, цивилизациските стојности, непокорот и на историските и културни хоризонтали и дијагонали. За Скопје, за неговата четири илјади години долговечност се испишани многу страници. Затоа, многумина го вбројуваат меѓу еден од најстарите градови на Балканот и на планетата Земја.

Низ вековите Скопје станал крстосница од север кон југ и од исток кон запад. Бил населуван, прекрстуван, покрстуван, освојуван, пален и потресуван од земјотреси. Но, секогаш како феникс, тој постојано е возобновуван, граден и дотеруван со еден чудесен спој на вековите, секогаш повторно интересен и привлечен.

Според археолошките докази уште од времето на неолитот, тука веќе имало населба. Како урбана средина бил основан во периодот од 81. до 96. година пред Христа. Го нарекле Скупи, како добро уреден и град на реките Вардар и Лепенец. Бил подигнат на пет и пол километри од сегашниот град. Низ своите илјадници години бил прекрстуван како Скупи, Искуп, Скопие, Скорќе, додека конечно го добил името Скопје.

1g2Старо Скопје

Скопското секојдневие мошне живнало. Но, во почетокот на XX век градот одново преживеал турбулентни времиња и невремиња, низ кои се прекршувале многу настани. Го сардисувале војски, го пустошеле душмани, но, и рака му пружиле пријатели и поддржувачи. Населението претрпело доста трауми кога Македонија била вовлечена во Балканските војни, во Првата светска војна, потоа и во Втората светска војна.

За конечно, светлината на својата утрешнина да ја дочека со крајот на антифашистичката борба и крвавата четиригодишна епопеја. Градот е ослободен  од ропствата на 13 ноември 1944 година. Од следната 1945 година Скопје зачекорило по едни нови врвици и започнало нова страница на својот пат, опстој и развој, на својата најнова историја.

И катастрофалниот земјотрес среде летото на 26 јули 1963 година е една од неговите црни хроники, со тешка разурнувачка моќ која резултираше со многу жртви и ранети. Но, и таа катастрофа ја пребродил со многу истрајност, упорност и голема меѓународна солидарност, како и низата тешки премрежија низ вековите пред тоа.

Но градот веќе зачекорува во нов, поинаков, постабилен бргу развоен, модерен и самостоен архитектонски период. Со секоја година, со секоја деценија, градот се гради, напредува и станува метропола, со европски „манири“ и белези. Град, кој има што да му понуди на намерникот, дојденецот, глобтротерот, туристот и случајниот минувач.

Скопје стана  финансиски и политички центар на Македонија. Тој е модерен град  на околу четвртина од вкупното население на земјата, каде покрај мнозинство Македонци, во него живеат и Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и други малцинства.

Во третиот милениум, Скопје како главен град на суверена, слободна и самостојна Република Македонија, е метропола на должини и широчини, на светлина и топлина, на гостољубие и ширум отворени врати. Речиси, како да не може да седнете на некој камен а да не е тоа дел до некогашното колосално или друго здание или градба.  Археолошките слоеви во стариот дел на градот одат дури и до седум метри длабочина. Се напластувале градби, култури, се оставале траги, се испишувале хроники.

Ова поднебје зрачи со својата посебност, која не ве остава рамнодушен и кога минувате крај многуте цркви и манастири, и кога сте крај џамии и кога ќе застанете на кејовите на Вардар и кога од мостовите со воздишка ја набљудувате околината или залезите на сонцето. Ќе застанете и пред црквите „Свети Димитрија“ или „Свети Спас“, ќе погледнете кон Даут-пашиниот амам адаптиран во уметничка галерија, понатаму во Чифте-амамот, Безистенот, Куршумли-ан и кон некои од повеќето џамии.

Ќе се рашетате низ Старата скопска чаршија со сите нејзини автентични архитектонски бисери, па ќе ви измами времето сила, за да влезете во дуќаните за да ги поздравите занаетчиите и да се воодушевувате од златарите, чевларите, јорганџиите, скараџиите и терзиите. Ќе ги искачите скалилата до Калето кое го надвишува Скопје, и тука ќе видите дека е пронајдена црква која датира од пред повеќе од десетина векови.

Посебно поглавје е слободното Скопје од 1944 година, кое конечно го остварува сонот, надежта и јавето за еден нов, самостоен развоен пат. Вознесни се годините по 1991, кога сонот, идеалите, надежите и битките на недоброени генерации, воини и жители, се остварува – Република Македонија станува слободна, суверена, самостојна држава, впишана во мапата на членките на Обединетите нации.

Шетајќи ги сокаците и булеварите, плоштадите и градбите, пред вашите очи дефилираат музеите, универзитетите, спомениците, театрите, хотелите, училиштата, современите згради, барокните решенија, модерните архитектонски зданија, фонтаните, кафеаните…

На централниот плоштад „Македонија“ во метрополата, највисоко се издигнува споменикот посветен на најголемиот воин на сите времиња, Александар Македонски. Кому, под нозете на неговиот коњ Букефал му плискаат млазовите вода со пораки оттука до беломорските бранови. Преку Камениот мост, од другата страна на реката Вардар, се издига и споменикот на Филип Македонски, а на улицата „Македонија“ е и Спомен-куќата на нобеловката и добротвор Мајка Тереза.

Пред вас е и споменикот на првиот македонски претседател Методија Андонов-Ченто, на младите борци гемиџии, на илинденците, асномците. Вистинска отворена читанка на отворено во главниот град.

Кога ќе поминете или ќе застанете на некој од неговите мостови кои небаре се времемерач и симбол на премостени води, пред вас ќе се отворат видиците на еден современ европски град со повеќе од 700 илјади жители.

Во 1956 година Гојко се обидел да добие стипендија да студира на Техничкиот факултет во Скопје, но не успеал. Сакал да студира медицина, но и за овој факултет не добил стипендија. Татко му Делче, кој сакал синот да му се врати во Македонија и да студира во Скопје, се ангажирал да му најде стипендија. Негови пријатели го информирале дека Шумското стопанство од Тетово има потреба од шумарски инженер и дека се подготвени да го стипендираат неговиот син.

Гојко немал друг избор, ја прифтил стипендијата, со која успевал да ги подмири само давачките за сместување и за храна во студентската менза. Во 1957 година се запишал на Шумарскиот факултет во Скопје. Бил сместен во Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Гази Баба. Иако студирањето на Шумарскиот факултет не била негова желба, Гојко со големо интересирање ги следел предавањата, учел и редовно ги полагал испитите.

Испитите ги давал редовно, со средни оценки и во 1961 година, додека бил апсолвент, за да дипломира му останале уште два испита: Анатомија на дрвото и Буици. И двата испитни предмета ги имал подготвено, што значи можел да полага, со што ќе се стекнел со титулата шумарски инженер.

Меѓутоа, во исто време, од страна на факултетското раководство му било предложено да замине на специјализација во Германија, во Западна Германија, за која до пред неколку години се говорело се најлошо, како фашистичка држава, виновна за сите злосторнички дела во Втората светска војна и друго …

gojko3Скопје

Во врска со изборот тој да оди во Германија бил многу изненаден и вели:

Зошто токму јас бев предложен и избран за да одам на специјализација. Ниту бев најдобар студент, ниту, пак, бев партиски активист. Подоцна, некои од моите колеги и пријатели ми раскажуваа дека на партиските состаноци се водела дискусија дали токму јас требало (заслужувам) да бидам испратен. Се разговарало, наводно, дека сум добар студент кој редовно ги полага испитите, дека сум дисциплиниран, друштвен, но не и член на КПМ – Комунистичката партија на Македонија, односно на Комунистичката партија на Југославија и друго.

Сепак, и покрај тоа, јас бев предложен да заминам за Германија бидејќи бев еден од ретките студенти на Шумарскиот факултет, а и пошироко, кој колку-толку го владее германскиот јазик. Како ученик во гимназија во Софија, четири години изучував германски јазик, а мојата професорка беше родена Германка, се викаше Олга Гелч. Во тоа време во Бугарија, рускиот јазик беше облигаторен, додека другите јазици како англискиот, фрнцускиот и германскиот беа изборни“.

Одењето на специјализација во Германија, Гојко го  поврзува со дел од неговиот живот во Софија. Имено, кога имал само седум години имал средби со германски војници во Софија. Тогаш тој ги гледал германските војници, облечени во убави униформи, убави, млади марширале по софиските улици. Тоа било времето на царска Бугарија, на цар Борис, кој бил сојузник со Германија на Адолф Хитлер.

По некој од војниците ќе се стрчал кон него, ќе го погледнел и одвреме-навреме ќе му дадел по некое чоколатце. Гојко бил русокос и во нивните очи изгледал како Германче. Подоцна од 1957 до 1961 година, додека студирал на Шумарскиот факултет во Скопје, колегите го викале Армин Хрит, Германец, светски првак на сто метри трчање. Можеби, токму од тие причини тој избрал да го изучува германскиот јазик. Тогаш, како дете, не можел да ги знае мегаломанските намери на Хитлер и на германската политика…

Продолжува 

Slave Nikolovski - KatinПишува: СЛАВЕ  КАТИН