Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека и оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување останува веродостоен партнер на Стејт департментот, во чиј извештај за почитување на човековите права во С. Македонија за 2019 година, ЗНМ се спомнува како референтна организација дури осум пати.
Во денешното соопштение од ЗНМ се посочува на наводите во Извештајот на Стејт департментот за минатата 2019 година за почитување на човековите права во С. Македонија, објавен на 11 март .2020 година, дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава. Сепак, Стејт департментот констатира дека сѐ уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари.
Во извештајот, се посочува, се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и истакнат е проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите, нешто за кое ЗНМ честопати алармираше во јавноста.
– Во дел од извештајот се цитира и говорот на претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој го одржа на Глобалната конференција за слобода на медиумите во Лондон каде тој истакна дека неказнувањето на случаите на напади врз новинарите останува голем проблем како и нарушувањата на слободата на изразувањето. Според Здружението на новинари, Министерството за внатрешни работи ги завршило истрагите во сите 12 случаи на напади врз новинари од 2017 година, но сепак не е преземено понатамошно дејствување за нив освен во еден случај, се вели во извештајот.
Нотирана е и реакцијата на новинарските здруженија (ЗНМ, ССНМ и СЕММ) во јули 2018 година кои се спротивставија на платеното политичко рекламирање за време на изборни кампањи да се финансира со јавни пари од граѓаните и наведено е дека оттогаш Владата не преземала никакви мерки за да го адресира ова прашање.
– Посебно внимание во овој извештај на Стејт Департментот имаат и заканите, етикетирањата и заплашувањата на новинарите од страна на политичарите. Во тој контектст истакнати се цитати од реакциите на ЗНМ и на високи претставници на Европската комисија во насока дека тоа може да доведе до самоцензура, повикувајќи ги властите да покажат нулта толеранција за нападите и заканите врз новинарите, се наведуав во соопштението од ЗНМ.