Советот на Дебар бара итен прекин на наставата во училиштата поради коронавирусот

Советот на Дебар на вонредната седница, одржана доцна синоќа, на која беше разгледана  состојбата со ширењето на коронавирусот на подрачјето на оваа општина, донесе заклучоци со кои од неколку министертва се бара преземање итни мерки.

Од Министерството за образование и наука се бара под итно да се донесе одлука за прекин на наставата на неодредено време.

Министерството за здравство итно да го зголеми бројот на здравствени работници во дебарската работна едница на Центарот за јавно здравје (епидемиолог, технички здравствен персонал). Санитарниот инспекторат да ги зголеми контролите врз хотелските капацитети за нивото на дезинфекција.

Министерството за внатрешни работи да ги зголеми мерките и контролите со професионална опрема на граничните премини во регионот на Дебар.

Од Владата се бара да ја разгледа можноста за скратување на работното време за државната и јавната администрација.

На седницата присуствуваа и градоначалникот Хекуран Дука, раководителот на работната единица на Заводот за јавно здравје Ментор Меља, началникот на Одделението за внатрешни работи Арбен Думани, како  претставници на други институции.

Претходно, како што објави градоначалникот Дука на Фејсбук, поради загриженоста по појавата на коронаврусот, остварил средба со претставници на надлежните институции на која била разгледната состојбата и презентирани мерките кои се спровдуваат.

Градоначалнкот упати апел до жителите на општината да бидат внимателни и строго да ги почитуваат препораките од Министертвото за здравство и Институтот за јавно здравје.

По потврденото присуство на корона вирусот кај сопружниците од селото Баланци, општина Центар Жупа, трите новопотврдени случачи се во Дебар.