Реакција на МАИ за резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност

– Македонска асоцијација на издавачи (МАИ) сака јавно да го изрази своето општо незадоволство од резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура.

Нашиот општ впечаток е дека и покрај тоа што Министерството за култура настојува потранспарентно да ги избира насловите и авторите, распределбата на финансиските средства ни приближно не го покрива издавачкиот процес.

Работите во врска со кои сакаме да го истакнеме нашето најголемо незадоволство се следните:

  1. Постои разлика во одобрените средства кај различни проекти и очигледно е фаворизирањето на проектите на албански јазик кои, во просек, имаат добиено по 25.000 денари плус во однос на проектите на македонски јазик;
  2. Повеќе од 20% од проектите се проекти на физички лица. Ова е особено загрижувачки, затоа што станува збор за навистина голем број вакви изданија. Сепак, издавачите се тие кои располагаат со капацитети за издавачка дејност и доделувањето проекти на физички лица треба да биде исклучок, а не правило, имајќи предвид дека поради немањето капацитети за реализација на овие изданија и за нивна дистрибуција, потоа никој не знае ниту како изгледаат, ниту каде завршуваат. Едноставно, ги нема во книжарската продажна мрежа и сомнежите за злоупотреба и манипулации со средствата се навистина основани;
  3. Особено е често појавувањето на печатници и на други правни лица чија основна дејност не е издавање книги, а кои добиле средства за реализација на проекти од Годишниот конкурс. На тој начин, тие се изедначуваат со издавачите, иако немаат ниту редакција, ниту дистрибуција, ниту книжарници.

Ставот на МАИ е дека за доделените средства недостасуваат критериуми за оценување на важноста и големината на проектите. Така, одобрени се исти средства за проекти кои се целосно различни според техничките параметри.

Исто така, пречи и дискрециското право на министерот и на неговиот кабинет во завршната одлука за доделување на средствата, со што улогата на комисиите се маргинализира а се зголемува можноста за манипулации и, секако, за сомнежи дека тие се случуваат.

МАИ сака да изрази жалење за состојбата во која се втурнува македонското издаваштво и надеж дека Министерството за култура ќе ги послуша реакциите на културната јавност и на нашето здружение и ќе направи ревизија на одобрените проекти и, особено, на одобрените средства за проектите.

Македонска асоцијација на издавачи