Во Охрид се гради првиот шопинг центар

Компанијата „Делфина турс“ почна со изградба на шопинг центар во Охрид, проект вреден десет милиони евра.

Според предвидените планови, објектот ќе се простира на површина од 19 илјади метри квадратни, со 50 деловни простории за продавници и локали на две нивоа, со подземен и надворешен паркинг простор, како и други содржини какви што има во современите шопинг центри.

– Охрид Мол е проект за кој јас и моите партнери размислувавме подолг период. Охрид е меѓу најпознатите туристички места во регионот со многу работи што може да ги понуди, но му недостасува центар од ваков тип каде што жителите и туристите ќе можат да купуваат. Со оваа инвестиција Охрид ќе биде уште повеќе посакувана дестинација на туристичката мапа, изјави Ерсин Исмаил, инвеститор на „Охрид Мол“.

За изнајмување на деловниот простор во центарот е ангажирана консултантската компанија за недвижности „Фортон Македонија“, од каде е соопштено дека веќе во центарот простор има закупено грчкиот синџир супермаркети „Веро“ заедно со продавниците „Џамбо“.

Според Влатко Богоевски, генерален менаџер на „Фортон Македонија“, веќе има огромен интерес на домашните и светски брендови за закуп на простор во објектот, така што се очекува брзо исполнување на капацитетитот на трговскиот центар.

„Охрид Мол“ се наоѓа до новата автобуска станица, на два километри од центарот на градот, а отворањето на објектот е предвидено за април идната година. Покрај економскиот бенефит за градот, се очекува Охрид како најпозната туристичка дестинација во Македонија на овој начин да стане уште попривлечен за гостите од регионот, особено за љубителите на шопингот.