Премиерот Зоран Заев кажа дека тој е подготвен за име со географска одредница, но за да употреби прво лице множина, треба да ја информира јавноста кое е тоа име, дали ќе има англиска транскрипција и дали истото е само за меѓународна употреба?
Дали освен неговата подготвеност за име со географска одредница, постои подготвеност и за отстапки кои се однесуваат на промена на уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на Република Македонија?
Македонските граѓани подолго време очекуваат одговори од Зоран Заев во врска со разговорите кои ги води за решавање на проблемот кој Република Грција го има со нашето име.
За жал Заев реши да излезе со делумна информација дури откако грчкиот министер за надворешни работи јавно му порача да го извести сопствениот народ за договорот прифатен во Давос на средбата со Премиерот Алексис Ципрас.
Заев и должи одговор на јавноста што се има прифатено во Давос, доколку се точни наводите на грчкиот министер за надворешни работи. Доколку не е точно дека е постигнат договор, граѓаните очекуваат да бидат демантирани информациите кои се лиферуваат од грчка страна.
Јавноста очекува одговор и на прашањето дали преименувањето на аеродромот и автопатот се дел од некаква поширока стратегија за решавање на спорот со соседна Република Грција или претставува еднострана отстапка од страна на Република Македонија. Владата донесе одлука, но досега нема појаснување ниту за придобивките од стратегијата, што отвора сомнеж дека повторно се работи за концесии од кои Македонија нема никаква корист.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека не постои иредентизам во името на аеродромот и автопатот.