Во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Прилеп почна издавањето евидентни листови или таканаречени „бели картони“ за новата реколта тутун, со што и официјално стартуваа подготовките за годинашново тутунопроизводство.
Според раководителот Зоран Пачешкоски, интересот е голем за новата реколта тутун и се очекува зголемен број издадени евидентни листови од лани кои се своевидна виза за новото производство.
– Ако лани биле издадени 10.800 евидентни листови, или „бели картони“, годинава очекуваме над 13.000 што значи интересот за оваа индустриска култура не стивнува, особено што на тутунарите добро им се плати ланската реколта со просечна цена над 217 денари за килограм. Најавено беше да почнеме во понеделникот, но поради проблеми со електронскиот систем денеска работиме интензивно. За само три часа се издадени над 100 „бели картони“. Доколку има потреба ќе се работи и во втора смена, вели Пачешкоски.
Тутунарите кои трпеливо чекаат во ред пред подрачната единица, главно се задоволни од ланската реколта и велат сега се исплаќа тутунот, но мора да се зголеми цената по класи.
– Веќе 40 години се занимаам со тутунопроизводство. Сега планирам да засадам 22 декара и да добијам барем околу пет тони тутун. Тутунот е егзистенција за моето семејство, но мачен е за работа. За ланската реколта имав 3,5 тони и поминав со просечна цена од 240 денари. Добро беше, исплатливо, што не беше случај порано. Битно е да се зголемат цените по класи. Најмногу за третата класа да биде по 200 денари, вели Најдо Неданоски од селото Ерековци.
За евиденција на новото производство, тутунарите до подрачната единица на Министерството поднесуваат имотен лист и барање.
Инаку, откупот на тутунот од ланската реколта привршува. Според последните податоци, откупени се преку 21.000 тони со просечна цена од 217 денари. Остануваат уште околу 1.000 тони за откуп и кампањата ќе заврши многу порано од законскиот рок што е до 15 март. Годинава договори со кооперантите ќе склучуваат девет компании. Нова е грчката фирма „Мисиријан“.