Прилеп потпиша договор со ЕВН за населбата „Три багреми“

Прилепската локална самоуправа го потпиша договорот со  ЕВН – „Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје“ за подобрување на состојбата со снабдувањето со електрична енергија на жителите од месноста „Три багреми“, која е дел од населбата „Тризла 2“.

Како што информираат од локалната самоуправа од Прилеп, со договорот се регулираат правата и обврските на двете страни во врска со пристапот, приклучувањето на дистрибутивната мрежа и други услуги поврзани со работата на средно-напонската и ниско-напонската мрежа во оваа населба.

Вкупната вредност на овој договор е 2.109.577 денари. Тоа се средства од Потпрограмата за поддршка на имплементација на декадата и стратегијата на Ромите на Владата на Република Македонија.

Потпишувањето на договорот е дел од проектот на Општина Прилеп за уредување на комуналната инфраструктура во месноста „Три багреми“, со што наскоро оваа населба ќе има квалитетно електро-напојување.