Во пресрет на единаесетгодишнината од формирањето, раководството на македонското друштво „Илинден“ – Тирана донесе одлука за доделување на две награди „Илинден“ и пет багодарници на поединци и институции.
-Наградата „Илинден“ која за првпат беше доделена лани на одбележувањето на јубилејот десет години од формирањето на друштвото ја добиваат проф. д-р Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја во Скопје за нејзиното научно творештво поврзано со историјата и катадневниот живот на македонското национално малциство во Албанија и на Васил Стерјовски, пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција во Собранието на Република Албанија и претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, соопшти претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.
Според Ѓурѓај, благодараници се доделуваат на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во која членуваат 107 организации на малцинствата од 35 европски земји, каде „Илинден“ е рамноправен член од мај 2015 година, кога за тоа беше донесена едногласна одлука од страна на Генералното собрание на асоциацијата. Тоа е единствено друштво на Македонци надвор од матичната држава, во Европа, што е член на ФУЕН. На двата последователни конгреси ФУЕН изгласа Резолуција за положбата и правата на Македонците во Албанија, предложена од „Илинден“.
Благодарници добиваат и Ламбе Шатровски, член на МД „Илинден“, дописник на истоимениот македонски весник и активист меѓу Македонците во Албанија, Андреа Алексовски од Скопје, голем подржувач на припадниците на македонското национално малцинство на Балканот, како и новинарите Вера Тодоровска и Ќенан Мимидиноски.