Твитер – новото лице на дипломатијата

„Со мирна совест и одговорност продолжувам да преговарам за доброто на татковината“. Ова беше првичната реакција на Твитер на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас за завчерашниот протест во Атина, по чие завршување тој уште дополни дека  „рејтинг агенциите денеска добија демант“, упатувајќи критики до опозициската Нова демократија.

Дигиталната ера донесе промени и во начинот на водење на дипломатијата, а прв избор во однос на социјалните платформи на комуникација за најголем број политички лидери е токму Твитерот.

Според резултатите од студијата „Твипломаси“ за 2017 година, објавена на крајот на мај, лани, изработена од реномираната њујоршка компанија за односи со јавноста и комуникации, „Барсон – Марстелер“ (Burson – Marsteller), постојат 856 твитер профили на шефови на држави и влади и на министри за надворешни работи во 178 држави што е 92 проценти од членките на ОН со 356 милиони следбеници.

Покрај официјалниот профил, значаен дел од нив имаат и свој личен профил. Според студијата „Твипломаси 2017“, по бројот на следбеници на прво место се наоѓа папата Франциск, кој има профили на девет јазици. Го следи американскиот претседател Доналд Трамп, кој често твита за владините политики и изнесува контроверзни ставови.

 

Во меѓувреме, компанијата  „Барсон – Марстелер“ соопшти дека со околу 40 милиони следбеници забележани во октомври, Трамп веќе го надминал и папата и е најследениот светски лидер на твитер. На неговиот личен профил на твитер вчера стоеше податокот за 47,3 милиони следбеници.

Твитер – клучна платформа за комуникација на политичарите и дипломатите

Магистерот по комуникации, асистент на „Меѓународен Балкански Универзитет“, Скопје, Сеад Џигал, вели дека Твитер e мошне популарна социјална мрежа, која доживеа брз развој во последните осум години и во моментов има над 300 милиони кориснички сметки. Предноста на Твитер е лесниот пристап, како за објавување, така и за следење на содржините на корисниците. Тие лесно се поврзуваат меѓу себе и оформуваат  онлајн групи и мрежи според разни интереси и афинитети.
– Твитер заедно со Фејсбук, стана клучен столб на т.н. „дигитализирана јавна сфера“, каде се оформуваат доминантните јавни теми, се креира јавното мислење, се водат дискусии, расправи(и) и други важни комуникациски активности. Токму затоа Твитер стана атрактивна платформа за политичарите и дипломатите каде тие директно, без посредништво на медиумите и новинарите, можат да ги објавуваат своите пораки кон јавноста и каде имаат можност нешто поблиску да ја прикажат својата лична и човечка страна или да дискутираат на одредена тема, вели Џигал.
Комуницирањето на политичарите на Твитер денес претежно го водат лица задолжени за односи со јавноста. Сепак, има и значителен дел од светските и домашните политичари кои вешто го користат Твитер и сами објавуваат твитови. На пример,  претседателот на САД, Доналд Трамп, сам објавува околу 40 отсто од твитовите во негово име по преземањето на претседателската функција.
Џигал нагласува дека Твитер е еден од клучните чинители во процесот на „засилено отворање, забрзување и визуелизација на јавната комуникација“. Специфичноста на Твитер е во ограничениот број на знаци кои можат да бидат објавени (првин беа 140, сега тоа ограничување е 280 знаци). Овој фактор комуникациски наметнува брзо и концизно комуницирање, во кои сложени пораки мора да се поедностават и „скројат“ во еден или неколку твитови, што е погодно за лесно, брзо и динамично информирање и комуницирање. Дополнително, Твитер е одлично прилагоден за засилувачкиот тренд на визуелизацијата во комуникацијата. На оваа мрежа лесно се објавуваат фотографии, видеа, стримови од настани во живо, гиф-фотографии и анимации, може да се спроведат брзи анкети и гласања, како и редица други кориснички можности.
Големо влијанието на твитер, комуникологот смета дека е резултат на природата на пораките кои се комуницираат на Твитер.
– Пораките на политичарите кои успеваат да се адаптираат на форматите на објавување на Твитер имаат одличен комуникациски ефект, а нивните пораки се преобјавуваат (преку т.н. „ретвитање“), оценуваат („лајкуваат“) и молскавично се пренесуват до корисниците, а преку нив до медиумите и јавноста. Отвореноста на Твитер како комуникациска мрежа, прескокнувањето на посредништвото на медиумите, а со тоа и на нивните филтри за теми, содржини и термини за објавување, брзината на пренесувањето на пораките, како и концизните и семантички богати мулти-медијални содржини, се клучни делови од успешната формула на Твитер за политичкото општење. Мора да се напомене дека овие фактори често придонесуваат кон несакани ефекти, па штетните пораки на политичарите, исто така молскавично се пренесуваат, преобјавуваат и се засилува нивниот негативен ефект, посочува Џигал.
Според него, Твитер како алатка ја надминува класичната дипломатија со брзината на комуницирањето, директното општење со корисниците и јавноста, како и можностите за прикажување на одредени лични особености, активности, афинитети, хобија и размислувања на политичарите и дипломатите. Со ова тие имаат можност одблиску да ја отсликаат својата човечка страна, да се приближат кон нас и да се прикажат како луѓе кои ни се блиски и со кои можеме да се поврземе преку искусување на одредена виртуелна директна комуникација.
Воедно, предупредува дека како и останатите социјални мрежи, па и комуникациски технологии, генерално, тој носи и опасности за злоупотреба и погрешно користење. Ширење на пропаганда, говор и политики на омраза, гласини, шпекулации и непроверени информации, се само некои од нив.
Твитерот во Македонија – недоволно важен „медиум“ за политичка комуникација
Од Македонија на Твитер, вели Џигал, се присутни неколку домашни политичари од релативно помладиот бран (Андреј Жерновски, Антонио Милошоски, Илија Димовски, Стефен Богоев, Филип Петровски, Стево Пендаровски, и др.), како и министри од Владата (Бујар Османи, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Јани Макрадули меѓу другите). Претседателот Иванов има неактивна сметка на Твитер со последни објави од предизборниот период во 2009 година, додека премиерот Заев има активна твитер сметка, како и претеседателот на ДУИ, Али Ахмети. Бившиот премиер Груевски по повлекувањето од партиската функција нема објави на Твитер.
Кај носителите на државни функции, партиски лидери и дипломати почесто е администрирање на Твитер сметките од страна на задолжени лица за односи со јавноста, а Твитер се користи само како дополнителен еднонасочен комуникациски канал за информирање, со што не се искористени до крај можностите и спецификите на оваа мрежа.
– Очигледно е дека Твитер во Македонија е во сенка на далеку покористениот Фејсбук, на кој се присутни поголемиот број од политичарите и јавните личности, а самиот Твитер се смета за недоволно важен „медиум“ за политичка комуникација. Според досегот до корисниците, во првите 200 корисници од Македонија, нема политичари. Политичката комуникација на Твитер главно се одвива преку анонимни корисници која им дава поголема слобода на објавување на политички пораки на корисниците, но оваа слобода често се злоупотребува и искривоколчува, па резултира во навредливи пораки, клеветење и други комуникациски аномалии.
Светските искуства се различни од нашето локално, па на пример истражувањата покажуваат дека Доналд Трамп со своите лични твитови често успева да ја диктира програмската рамка на американските и светските медиуми, и да креира имиџ на нетипичен политичар близок до обичниот темпераментен корисник на Твитер, со што ја засилува поддршката за своите политики.
Владата со тим за администрирање на профилите на мрежите
На веб страницата на Владата може да се види дека институцијата има свои профили на ФБ, твитер, инстаграм, јутјуб и фликер.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, потврди дека во секторот на комуникации во Владата постои мал тим, односно двајца луѓе кои се одговорни за профилите на социјалните мрежи на Владата, на канцеларијата на портпаролот, на премиерот и на сите останати заменици министри и министри во Владата.

– Во основа овие двајца луѓе се разбира и луѓето кои лично ги претставуваат тие социјални профили работат на апдејт по потреба во сервис и во насока на услужност кон граѓаните. Тоа не им е приоритетна работа. Тие имаат повеќе видови задолженија и се одговорни за севкупното техничко функционирање на медија-центарот во Владата, на веб страницата на Владата која што е прилично обемна. ФБ и Твитер профилот се посебни канали што се поврзани. Некогаш информациите што се поставуваат на твитер одат и на фејсбук, или обратно, во зависност од информацијата што се пласира, вели Бошњаковски.

Вклучување на комуниколошката наука за ефектна комуникација на мрежите  

Горан Јанев, вонреден професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, се согласува со комуникологот Џигал дека кај нас во Македонија, твитерот не е така популарен, како што е фејсбукот. Истражување што го спровеле на Институтот пред некоја година меѓу студентите покажало дека твитерот го користат помалку од два отсто, а сите се на ФБ. Од друга страна, несомнено, на светско ниво твитерот е првиот јавувач на вестите, независно што и да се случува. Станува замена за вести, а ако сте на твитер добро вмрежен, вели, немате потреба од ТВ, класични медиуми дури ниту од интернет.

Нагласува дека кај твитерот е многу битна вмреженоста и публиката на која и се обраќате, соодносот на градење на следбеници – кој ве следи и кого следите, како се вмрежувате, кој ве пренесува или не ве пренесува во дадени моменти кога е актуелно. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, според него, е добро вмрежен.

– Многу е важно со кого сте вмрежени. Значи прашање е каква публика ви треба. Тоа се одлуки во од, во микросекунди, промени на трендови и настани, многу е живо и динамично, и треба да се знае како да се работи и не е лесно да се работи, оценува Јанев.

Како алатка во дипломатијата, вели Јанев, твитер се користи за праќање сигнали, за испитување на расположение, често се пуштаат пробни балони за правец на размислување за дадени одлуки. Важно е при тоа, додава, при креирањето на овие брзи микровести, покрај знаење, искуство и добро познавање на дипломатијата да сте и мајстор на занаетот на користење на јазикот.

– Ако сте мајстор на занаетот и знаете колку тежи еден збор, и знаете како да го усмерите јавното мислење, навистина би можеле дури и да го манипулирате преку твитови и ретвитања на твитови. Кога се работи за официјални профили, потребно е на тоа да работат луѓе со искуство, но не може да сметате на луѓе со искуство кои и се обраќале на скопската публика, дека тие истите ќе ја завршат работата ако се работи на пример за комуникација за децениското прашање за името и сл., истакнува Јанев.

Но, додава, ова е и опасна алатка која што може да ви се удри од глава, бидејќи со зголемената популарност расте и одговорноста и укажува на потребата од научни анализи, студии за нивно поефектно користење. Упати на поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд, еден од најверните, најпасионирани корисници на социјалните мрежи, кој по само еден гаф на твитер си ја наруши репутацијата, пред околу 180 илјади следбеници. (во неговата реакција на оригиналната порака коментирал и дел кој не постоел, туку го додал, така што мораше да ретерира и да се извини) . За еден дипломат од тоа ниво тоа беше скандал.

Во дипломатијата, посочува Јанев, клучна е информацијата, како до дојдете до неа, да ја сочувате, а на твитерот како платформа тие информации не се кријат, туку се пласираат. Тоа е друг вид на комуницирање, управување и користење на тоа што е информацијата.

– Наметнува нова динамика на работење во меѓународните односи, исто така променет е хоризонтот на гледање на нештата. Во глобалното време не може да бирате дали ќе сте присутен, колку и каде. Може да имате приоритети, но не може да занемарувате големи области, се е донесено многу поблиску и многу побрзо. Твитер е затоа тука. Веројатно не се сите среќни со улогата што ја има твитер, како корисници на твитер, ова во контекст на институционалното користење, бидејќи го немаат комодитетот од порано. Веројатно сега однапред се смислуваат соопштенијата и додека трае состанокот однапред планираните твитови се пласираат, вели професорот по социјална антропологија.

Значи одговорностите се зголемени, времето за размислување е максимално скратено, а тежината е огромна, бидејќи се шири со огромна брзина, особено ако се работи за грешки, што стигнуваат до сите агли од мрежата. Кога се работи за институции, а осбено за надворешна политика, тоа им ја отежнува работата оти може да има потешки последици.

Кај нас за жал, вели, од аспект на општетствени науки, има многу малку истражувања за социјалните мрежи кои би понудиле анализи, а кои се многу важни за државата.

– Од една страна како јавни институции сте обврзани да комуницирате. Твитерот е помалку важен отколку ФБ за Македонија како публика, но за Македонија во однос на меѓународните односи кога зборуваме за е-дипломатија или твитер – дипломатија, која е веќе етаблирана, подразбира дипломатија која комуницира веднаш, брзо и сега. Од друга страна, пак, како и за се во оваа земја – немате студија, ниту анализи. Тоа кажува колку сме несериозни по прашања на клучни работи кои е неопходно да ги решиме поелегантно и постручно. Не сакаме, не можеме да се навикнеме, и немаме пари постојано се изговори кои се користат, реагира Јанев.

Според него, потребно е државата да го промени односот кон науката како во однос на нејзино финансирање така и користење на научните потенцијали за прашања од стратешко значење. Да ги искористи истражувачките центри кои се бават со овие области, да се посоветуваат и да видат кој би бил патот напред. Мора да се размислува за тоа како да се вклучи комуниколошката наука во оваа земја, која би било добро да е концетрирана во еден центар и да се вложи во неа.  Ако се остави да се оди на интуитивно решавање на прашањата нема да се стигне никаде.

– Да не користите комунколошки истражувања кога светот денес е тотално медијатизиран, се е префрлено во медиумите, кога медиумите стануваат се побрзи и побрзи и вие не сакате да следите на ниту едно ниво ништо од тоа, за мене е грешка од стратешко прашање која може да донесе негативни последици при која било грешка што ќе ни се случи понатаму. Време е да се осовремениме да си дадеме можност да ги искористиме научните комуниколошки истражувања и да се вложи во нив. Секаде во паметни држави, во развиениот свет се користи науката од институциите, од оние кои ги управуваат институциите. Кај нас институциите сметаат дека се самодоволни, знаат се. Затоа е потребна промена на политичката култура од корен, промена на нашиот однос како граѓани кон институциите и на оние кои доаѓаат во инстутиците да раководат со нив дека се во служба на граѓаните, порачува Јанев.