„Со мирна совест и одговорност продолжувам да преговарам за доброто на татковината“. Ова беше првичната реакција на Твитер на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас за завчерашниот протест во Атина, по чие завршување тој уште дополни дека „рејтинг агенциите денеска добија демант“, упатувајќи критики до опозициската Нова демократија.
Дигиталната ера донесе промени и во начинот на водење на дипломатијата, а прв избор во однос на социјалните платформи на комуникација за најголем број политички лидери е токму Твитерот.
Според резултатите од студијата „Твипломаси“ за 2017 година, објавена на крајот на мај, лани, изработена од реномираната њујоршка компанија за односи со јавноста и комуникации, „Барсон – Марстелер“ (Burson – Marsteller), постојат 856 твитер профили на шефови на држави и влади и на министри за надворешни работи во 178 држави што е 92 проценти од членките на ОН со 356 милиони следбеници.
Покрај официјалниот профил, значаен дел од нив имаат и свој личен профил. Според студијата „Твипломаси 2017“, по бројот на следбеници на прво место се наоѓа папата Франциск, кој има профили на девет јазици. Го следи американскиот претседател Доналд Трамп, кој често твита за владините политики и изнесува контроверзни ставови.
Во меѓувреме, компанијата „Барсон – Марстелер“ соопшти дека со околу 40 милиони следбеници забележани во октомври, Трамп веќе го надминал и папата и е најследениот светски лидер на твитер. На неговиот личен профил на твитер вчера стоеше податокот за 47,3 милиони следбеници.
Твитер – клучна платформа за комуникација на политичарите и дипломатите
– Во основа овие двајца луѓе се разбира и луѓето кои лично ги претставуваат тие социјални профили работат на апдејт по потреба во сервис и во насока на услужност кон граѓаните. Тоа не им е приоритетна работа. Тие имаат повеќе видови задолженија и се одговорни за севкупното техничко функционирање на медија-центарот во Владата, на веб страницата на Владата која што е прилично обемна. ФБ и Твитер профилот се посебни канали што се поврзани. Некогаш информациите што се поставуваат на твитер одат и на фејсбук, или обратно, во зависност од информацијата што се пласира, вели Бошњаковски.
Горан Јанев, вонреден професор по социјална антропологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, се согласува со комуникологот Џигал дека кај нас во Македонија, твитерот не е така популарен, како што е фејсбукот. Истражување што го спровеле на Институтот пред некоја година меѓу студентите покажало дека твитерот го користат помалку од два отсто, а сите се на ФБ. Од друга страна, несомнено, на светско ниво твитерот е првиот јавувач на вестите, независно што и да се случува. Станува замена за вести, а ако сте на твитер добро вмрежен, вели, немате потреба од ТВ, класични медиуми дури ниту од интернет.
Нагласува дека кај твитерот е многу битна вмреженоста и публиката на која и се обраќате, соодносот на градење на следбеници – кој ве следи и кого следите, како се вмрежувате, кој ве пренесува или не ве пренесува во дадени моменти кога е актуелно. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, според него, е добро вмрежен.
– Многу е важно со кого сте вмрежени. Значи прашање е каква публика ви треба. Тоа се одлуки во од, во микросекунди, промени на трендови и настани, многу е живо и динамично, и треба да се знае како да се работи и не е лесно да се работи, оценува Јанев.
Како алатка во дипломатијата, вели Јанев, твитер се користи за праќање сигнали, за испитување на расположение, често се пуштаат пробни балони за правец на размислување за дадени одлуки. Важно е при тоа, додава, при креирањето на овие брзи микровести, покрај знаење, искуство и добро познавање на дипломатијата да сте и мајстор на занаетот на користење на јазикот.
– Ако сте мајстор на занаетот и знаете колку тежи еден збор, и знаете како да го усмерите јавното мислење, навистина би можеле дури и да го манипулирате преку твитови и ретвитања на твитови. Кога се работи за официјални профили, потребно е на тоа да работат луѓе со искуство, но не може да сметате на луѓе со искуство кои и се обраќале на скопската публика, дека тие истите ќе ја завршат работата ако се работи на пример за комуникација за децениското прашање за името и сл., истакнува Јанев.
Но, додава, ова е и опасна алатка која што може да ви се удри од глава, бидејќи со зголемената популарност расте и одговорноста и укажува на потребата од научни анализи, студии за нивно поефектно користење. Упати на поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билд, еден од најверните, најпасионирани корисници на социјалните мрежи, кој по само еден гаф на твитер си ја наруши репутацијата, пред околу 180 илјади следбеници. (во неговата реакција на оригиналната порака коментирал и дел кој не постоел, туку го додал, така што мораше да ретерира и да се извини) . За еден дипломат од тоа ниво тоа беше скандал.
Во дипломатијата, посочува Јанев, клучна е информацијата, како до дојдете до неа, да ја сочувате, а на твитерот како платформа тие информации не се кријат, туку се пласираат. Тоа е друг вид на комуницирање, управување и користење на тоа што е информацијата.
– Наметнува нова динамика на работење во меѓународните односи, исто така променет е хоризонтот на гледање на нештата. Во глобалното време не може да бирате дали ќе сте присутен, колку и каде. Може да имате приоритети, но не може да занемарувате големи области, се е донесено многу поблиску и многу побрзо. Твитер е затоа тука. Веројатно не се сите среќни со улогата што ја има твитер, како корисници на твитер, ова во контекст на институционалното користење, бидејќи го немаат комодитетот од порано. Веројатно сега однапред се смислуваат соопштенијата и додека трае состанокот однапред планираните твитови се пласираат, вели професорот по социјална антропологија.
Значи одговорностите се зголемени, времето за размислување е максимално скратено, а тежината е огромна, бидејќи се шири со огромна брзина, особено ако се работи за грешки, што стигнуваат до сите агли од мрежата. Кога се работи за институции, а осбено за надворешна политика, тоа им ја отежнува работата оти може да има потешки последици.
Кај нас за жал, вели, од аспект на општетствени науки, има многу малку истражувања за социјалните мрежи кои би понудиле анализи, а кои се многу важни за државата.
– Од една страна како јавни институции сте обврзани да комуницирате. Твитерот е помалку важен отколку ФБ за Македонија како публика, но за Македонија во однос на меѓународните односи кога зборуваме за е-дипломатија или твитер – дипломатија, која е веќе етаблирана, подразбира дипломатија која комуницира веднаш, брзо и сега. Од друга страна, пак, како и за се во оваа земја – немате студија, ниту анализи. Тоа кажува колку сме несериозни по прашања на клучни работи кои е неопходно да ги решиме поелегантно и постручно. Не сакаме, не можеме да се навикнеме, и немаме пари постојано се изговори кои се користат, реагира Јанев.
Според него, потребно е државата да го промени односот кон науката како во однос на нејзино финансирање така и користење на научните потенцијали за прашања од стратешко значење. Да ги искористи истражувачките центри кои се бават со овие области, да се посоветуваат и да видат кој би бил патот напред. Мора да се размислува за тоа како да се вклучи комуниколошката наука во оваа земја, која би било добро да е концетрирана во еден центар и да се вложи во неа. Ако се остави да се оди на интуитивно решавање на прашањата нема да се стигне никаде.
– Да не користите комунколошки истражувања кога светот денес е тотално медијатизиран, се е префрлено во медиумите, кога медиумите стануваат се побрзи и побрзи и вие не сакате да следите на ниту едно ниво ништо од тоа, за мене е грешка од стратешко прашање која може да донесе негативни последици при која било грешка што ќе ни се случи понатаму. Време е да се осовремениме да си дадеме можност да ги искористиме научните комуниколошки истражувања и да се вложи во нив. Секаде во паметни држави, во развиениот свет се користи науката од институциите, од оние кои ги управуваат институциите. Кај нас институциите сметаат дека се самодоволни, знаат се. Затоа е потребна промена на политичката култура од корен, промена на нашиот однос како граѓани кон институциите и на оние кои доаѓаат во инстутиците да раководат со нив дека се во служба на граѓаните, порачува Јанев.
I enjoyed reading this article. Its well-written and thought-provoking. Lets chat more about this topic. Check out my profile!