Вевчани и вевчанци и оваа православна Нова година ја дочекуваат на својот препознатлив начин – со традиционалниот Василичарски карневал, најуникатната културна манифестација во земјата.
– Вевчани буквално живее за овој карневал. Ова е отворен театар без режија, без однапред утврдено сценарио барем кога се работи за маските. Вевчанци се инвентивни, познати шегобијци, нивното осило боде со сарказам. Очекувам и оваа година да биде така, ништо чудно нема да биде доколку и себеси се препознаам од онаа страна на огледалото, рече градоначалникот Сашо Јанкоски пред самиот почеток на главното дефиле под маски.
Со традиционалната посета на „зетот и невестата“ на градоначалникот почнаа возбудувањата на годинешниот карневал под маски. Василичарите од Горно и Долно маало формираа поворка со неколку стотини маски што ги претставија пред бројните гости на сретсело. Тие Старата нова 2020 година ќе ја дочекаат парадирајќи низ сокаците на селото и со посети на сите домаќинства чии порти овие карневалски дена се ширум отворени за сите гости.
Централната поворка почна во 14 часот, кога низ улиците на селото под Јабланица продефилираа илјадници најразлични маски, креатури кои жителите на Вевчани трпеливо ги изработувале, со единствена цел – да се насмеат и забават гостите, но и исмее одбрана личност, настан или каква било ситуација од секојдневието што ја одбележаа сега веќе старата 2019 година.
Дека навистина мајтапчискиот дух на вевчанци не простува се виде и денеска. Меѓу василичарите оваа година ги видовме традиционалните маски како Глупавиот Август, музичарите, но и Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Боки 13, како и Трамп, Макрон, а од настаните – пожарите во Австралија, „Жолтите елеци“ и друго.
Карневалот во Вевчани и оваа година го следеа неколку илјади гости од целата земја, но и од странство, претставници од јавниот живот, политичари, членови на дипломатскиот кор во земјата, бројни локални и национални медиуми, но и репортажни екипи од странство.
За вевчанци Новата 2020 година пристигнува на 14 јануари, а тоа правило го почитуваат и гостите. Жителите на Вевчани знаат како се пречекува гостин, со вино, греана ракија, мезе, сето зачинето со шега и насмевка. Денот на Свети Василиј, заштитиникот на Вевчани и на василичарите, утре ќе биде одбележан со вевчанското оро и ритуалното палење на маските. И веднаш уште тука почнуваат плановите за наредното карневалско издание.