Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети оствари средба со Европратениците Виктор Боштинару, Тања Фајон, од групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, како и Тонино Пицула, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент.
Ахмети и тројцата европратеници, како што соопштија од ДУИ, разговарале многу отворено и пријателски за прашања од заеднички интерес, како евроатланската интеграција, добрососедство и реформите.
Групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, како што се вели во соопштението, изрази ла целосна поддршка на агендата на парламентарното мнозинство и реформската влада ставајќи се во целосно располагање за да и помогне на Македонија и регионот.
Ахмети ја поздравил подготвеноста на европратениците и рекол дека периодот што претстои пред нас е одлучувачки, не само за Македонија, туку и за регионот.
– Ахмети ги увери гостите дека храброста во нас нема да недостига и повтори дека решението побрзо се постигнува со ратификација на договорот за името во парламентот, додека евентуалниот референдум може да го комплицира процесот. Компромис за решавање на спорот за името треба да се постигне сега почитувајќи ги карактеристиките на страните и размислувајќи за заедничката иднина во Евроатланското семејство, соопштуваат од партијата.
Ахмети исто така, ги уверил гостите дека спроведувањето на системските реформи во земјата нема да запре и изразил уверување дека опозицијата ќе учествува во овој процес за доброто на граѓаните.