Предлог-проект за одржлив развој на Студенчишко блато

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска по повод Светскиот ден на блатните екосистеми го презентираше предлог-проектот за одржлив развој на Студенчишкото блато, како витален дел од поширокиот еко-систем на Охридското Езеро.

Предлог-проектот изработен од „Охрид СОС“ предвидува усогласен пристап на хармонизација на заштитата на уникатната природа на Студенчишкото блато и негово ставање во функција на туризмот.

Проектот се темели врз два основни аспекти и тоа заштита на блатото и ревитализација на деградираната површина, како и негово натамошно искористување во насока на туристичкиот развој на регионот.

„Екосистемските услуги, едноставно кажано, се разбираат како економска добивка за општеството од процесите на екосистемите. Во случајот со Студенчишко Блато, тоа се функциите кои тоа ги врши како прочистувач на водите, заштитник од поплави, одржувач на биолошката разновидност, мрестилиште на риби, гнездилиште на птици, собирач на јаглероден диоксид, регулатор на микроклимата, место за рекреација. Големината на блатото ги одредува и неговата функција, квалитет и отпорност. Но, ако се изгубат, трошоците за надоместување на овие екосистемски услуги ќе бидат огромни и неподносливи за македонската економија, а некои нема воопшто да може да се надоместат. Сето тоа на најголема штета на Охридското Езеро како природно богатство и доминантен туристички ресурс за Македонија“, се наведува во соопштението на „Охрид СОС“.

Со предложениот проект локацијата на Студенчишкото Блато е замислена како музеј на отворено, место за интеракција со природата, за истражување на сопственото минато, едукација и јакнење на свеста за виталната важност на зачуваните екосистеми, за нераскинливата врска меѓу квалитетот на нашите животи и здравата животна средина, ново место за рекреација. За валоризација на Блатото како туристички производ, проектот нуди изобилство на идеи за уредување на просторот без негова деградација. Така, Студенчишко Блато би се развило во туристичка атракција од нов вид, но и проширена со Билјанините извори и ранохристијанската базилика.

Проектот нуди и краток акциски план за организирано остварување на понудениот концепт, а понудени се и идеи за почетно финансирање и обезбедување на финансиска одржливост на проектот, за што е нужна сеопфатна и стручна имплементација и посветеност.

Активистите на „Охрид СОС“ актвно се залагаат за прогласување на Студенчишко Блато и Охридско Езеро за воден систем од меѓународна важност според Рамсарската конвенција, на чијашто шедоу листа (shadow list) односно во status quo, Езерото се наоѓа со децении.

Односниот предлог-проект е предаден на градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски и надлежните сектори во Општина Охрид.

Инаку, како резултат од активното учество на „Охрид СОС“ во работата на Друштвото на научниците од областа на блатните екосистеми, од 30 април до 4 мај во Охрид ќе се одржи 13 Европска конференција посветена на блатните екосистеми.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *