С. Македонија и Австрија одбележаа 25 години од воспоставувањето дипломатски односи

„Почетоците на Австриската дипломатија во Северна Македонија – со посебен осврт на Австриско – унгарски конзулат во Битола/Монастир 1851-1919“ денеска беше промовирана на Филозофскиот факултет – Скопје. Со тоа беше одбележана 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Австрија и Република С. Македонија.

На промоцијата на книгата се обратија министерот за надворешни работи Никола Димитров, австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Никола Јанкуловки.

Димитров соопшти дека уште од осамостојувањето на нашата држава Австрија е наш поддржувач и близок пријател. Соработката за С. Македонија, како што рече, продолжува и денес, а ние сме благодарни за австриската поддршка.

– Двете држави континуирано градат релации на пријателство и партнерство, почнувајќи од 23 декември 1994 година. Гледајќи наназд во изминатите 25 години, можеме да бидеме горди на успехот што го постигнавме заедно во развојот на нашите односи и нашата соработка, изјави Димитров. Додаде дека може да бидеме задоволни од соработката во многу области, како политика, економија, одбрана и безбедност, култура…

Министерот Димитров нагласи дека Австрија е една од земјите со која имаме плодна билатерална соработка и многу интезивен политички дијалог. Потсети дека Австрија претставува еден од најголемите економски партнери на нашата земја.

Амбасадорот Вуцас смета дека за С. Македонија членството во ЕУ и НАТО е вистинскиот избор и соопшти дека Австрија ќе продолжи со поддршката.

Потсети на присуството на австриските компании на македонскиот пазар, како и на бројните културни настани што изминатите 25 години се одржале во двете земји.

Ректорот Јанкуловски се осврна на соработката на двете земји во високото образование во изминатите 25 години, додавајќи дека разменувале идеи и знаење на различни теми. Потенцира дека за УКИМ е приоритет соработката во високото образование и науката со многу факултети и институти од Австрија.