Во Пехчево започна реализацијата на проект за заживување на селскиот туризам

Во Пехчево денеска се одржа Форум за предизвиците, пречките и можностите на тема „Дедовина-Селскиот туризам во функција на заживување на малешевските села“. Јасминка Пашалиска Андоновска од здружението „Амброзија“ која го организира форумот, истакна дека овој проект има за цел расположливиот потенцијал на Малешевијата да се стави во функција на развој на руралниот туризам.

  -Преку различни иницијативи во зиминатите 15 години колку што постоиме како здружение, се трудиме да иницираме и да поттикнеме соработка на локално ниво. Целта е она што го имаме како потенцијал да го ставиме во функција на развој на руралниот туризам. Како регион, регионот Малеш – Пијанец кој е дел и од локалната акциска група, изобилуваме со потенцијали кои што можат многу лесно да се обединат во интегрирана туристичка понуда, која ќе биде атрактивна за туристите. Тука имаме природни убавини, но особен белег ни се гастрономските специјалитети, сирењето, компирот, производите од шумските плодови и други специјалитети кои се се подостапни на туристите. Тука сакаме да ги обединиме и производители на локални сувенири во заеднички пакет, за да станеме поатрактивно место на туристичката карта, истакна Пашалиска Андоновска.
Иницијативата за зајакнување на селскиот туризам и заживување на малешевските села, како што истакна Соња Кушовска Трајковска, надвореѓен соработник на здружението „Амброзија“ датира од пред 15 години  со поставување на етно саемот „Малешевијата на дланка“.
– Уште од тогаш имавме една подруга визија за овој проект, но најголем проблем да бидам искрена ни беше политиката. Настојуваме сега да направиме еден концепт со тоа што почнуваме да делуваме оддолу, па нагоре, односно да покажеме што и како можат да одат работите, директно на терен со самите производители. Во таа насока планираме да споделиме искуства од поразвиените земји, кои ни се ставаат на располагање и мислам дека колку и да звучи препотентно, до месец мај ќе има некој видлив резултат, со кој ние ќе бидеме пример за другите, истакна Кушовска Трајковска.
Првите луѓе на општините Пехчево и Берово, истакнаа дека и во наредниот период ќе продолжат со поддршка на активностите, кои имаат за цел одржување на селскиот туризам како гранка.
– Ние многу вложуваме во туризмот во Општина Пехчево, затоа не случајно изградивме и туристички центар, со цел на едно место туристите да се запознаат со природното богатство на Пехчево. Она што е од суштинско значење е двете општини да настапиме заеднички како регион, се со цел развој на руралниот туризам, истакна градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски.
-Општина Берово особено дава поттик за развој на агро-туризмот, бидејки сме една од општините на која особено и значи развој на мирко-регионот Малеш-Пијанец, така да се надеваме дека овој проект ќе донесе нови содржини во делот на развој на агро-бизнисот, истакна беровскиот градоначалник Ѕвонко Пекевски.
Проектот „Дедовина-Селскиот туризам во функција на заживување на малешевските села: предизвици, пречки и можности здружението „Амброзија“ од Пехчево го реализира со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *