Владата донесе одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за рудникот Иловица

Владата на седница донесе Одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на рудник за бакар и злато на локалитетот „село Иловица”, во општина Босилово.

-Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица”, општина Босилово од 2014 година и Анекс на Договорот од 2015 година, еднострано се раскинуваат од страна на концедентот, бидејќи концесионерот нема поднесено барање со целокупна неопходна документација за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини, соопшти владината прес-служба, пренесувајќи ги информациите од вчерашната редовна 171 седница на Владата што се одржа во Куманово.

Одлуката влегува во сила наредниот ден откако ќе биде објавена во Службен весник. Од денот на нејзиното влегување во сила, укажува Владата, престанува да важи и Одлуката за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина–руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје за  локалитетот Иловица од 2012 година.

Министерот за економија Крешник Бектеши на почетокот на октомври го потпиша документот со кој беше побарана одлука за раскинување на договорот за експлоатација на рудникот Иловица Штука, откако Второстепената комисија донесе одлука со која се раскинува договорот со компанијата „Еуромакс Рисорсис“.

Во Општина Босилово пред две години беа организирани дфва неуспешни референдума во однос на изградбата на рудникот, а преку граѓански иницијативи беа организирани и протести на локалното население и еко активисти.