Изјавите на Димитров и Нимиц и понатаму актуелни во грчките медиуми

Вчерашните ставови на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со медијаторот, дека сме Македонци, зборуваме македонски јазик, но и дека за идентитетот не се преговара, заедно со изјавите на Нимиц дека Атина не поставила тема идентитет, ги преплавија грчките медиуми. Кусо по завршувањето на средбата Димитров – Нимиц, новинарите во Грција, како што вчера објави МИА, во извештаите акцентот го ставија токму на ставовите на министерот за надворешни работи.

Во синоќешните изданија на централните вести на грчките телевизии, средбата Димитров-Нимиц беше прва тема со која новинарите ги започнаа вестите. Ставовите на шефот на македонската дипломатија и на медијаторот и утрово беа тема на дебати во дел од утринските информативни емисии.

– Еден нов, непознат аспект во преговорите, откри од Скопје, Метју Нимиц, одговарајќи на скопскиот министер Димитров, кој е со непроменети позиции во прашањето за идентитетот и јазикот, а Грција, рече Нимиц, не поставува таква тема во преговорите, беше најавата на новинарката на почетокот на вестите на  грчката телевизија Скај.

Телевизијата Антена преку новинарот –презентер, упати остри критики за ставот на Димитров.

– Скопската страна опасно го затегнува јажето во преговорите. Министерот за надворешни работи Никола Димитров имајќи го крај себе, безгласниот Метју Нимиц, провокативно побара да се изземе македонскиот идентитет од разговорите. И не запре таму. Извртувајќи ја вистината, поддржа дека она што е поврзано со иредентизмот е во сферата на грчката фантазија, рече новинарот на почетокот на синоќешното централно издание на вестите на Антена.

Новинарот од државната телевизија ЕРТ, со поблаг тон од неговите колеги од другите телевизии, вели дека изјавите на Димитров не изненадуваат затоа што во последните години често се споменува дека идентитетот е важно прашање за македонската страна, а овие ставови не влијаат на преговорите.

Грчките новинари од Министерството за надворешни работи на Грција, побарале коментар и реакција во однос на изјавата на медијаторот, дека Атина, идентитетот не го поставила како тема во разговорите.

– Ние јасно го имаме формулирано нашето мислење. Не го толкуваме Нимиц, ниту тој да не толкува нас, рекле извори од грчкото МНР за ставот на медијаторот.

Телевизијата Скај коментира дека со ова Министерството за надворешни работи на Грција ниту ја демантира ниту ја потврдува изјавата на Нимиц.