Ѕанакопулос: Изјавите на Димитров не помагаат

Изјавите на Димитров не помагаат, вели портпаролот на грчката влада во интервју за државната ТВ ЕРТ, коментирајќи ги ставовите што вчера ги изнесе шефот на македонската дипломатија по средбата со Нимиц.

– Политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија, во последните месеци има променето низа изјави од минатото, има усвоено една поумерена позиција и тоа помогна преговорите и разговорите да одат напред и да се создаде една добра клима меѓу двете земји. Мислам дека изјавите на господинот Димитров, за време на преговорите, не помагаат во оваа насока, бидејќи знае многу добро, а за овие теми разговараа и двајцата лидери господинот Заев и господинот Ципрас дека постојат конкретни барања, политички барања за да можеме да стигнеме до заемно прифатлив договор, рече Димитрис Ѕанакопулос.

При гостувањето во емисија на грчката државна телевизија ЕРТ, јавува дописникот на МИА од Атина, портпаролот на грчката влада рече дека во преговорите Атина смета дека постојат три различни прашања за кои разговара, односно како што рече „три основни столба на грчките позиции“.

– Првото е сложено име. Второто е она што го нарекуваме ерга омнес односно кон сите, сложено име за севкупна употреба, што го вклучува и соседот, што значи дека е неопходна уставна ревизија, за да може ова ерга омнес да се реализира. И третото е она што се однесува на иредентизмот, што исто така се поврзува со уставна ревизија. И мислам дека добро ќе биде да не го предвидуваат резултатот и да не поставуваат црвени линии, објасни портпаролот на грчката влада, пренесува МИА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *