Одбележана 25-годишнината од основањето на Универзитетот во Тетово

Универзитетот во Тетово денеска одржи Свечената академија по повод 25-годишнината од неговото основање.

– Овој датум е најважниот за Универзитетот во Тетово и ние мора да изразиме благодарност за тие што дадоа своја лична жртва – материјална, но и со своите животи. Без тие напори немаше да ја имаме оваа високообразовна институција. Освен за образованието, како високообразовна институција, Универзитетот во Тетово дава огромен придонес и за унапредувањето на самата држава.  Оваа година имавме церемонија на која промовиравме над 1.000 апсолвенти, а за тековната 2019/2020 година бележиме над 2.500 ново запишани студенти, истакна ректорот Вулнет Амети во пригодниот говор по повод годишнината.

Тој воедно информираше дека до државните институции е поднесен предлог за преименување на оваа високообразовна установа во Универзитет во Тетово – Фадил Сулејмани, во чест на неговиот првиот ректор.

Министерот за образование Арбер Адеми во обраќањето истакна дека и тој доаѓа од Универзитетот во Тетово и добро ги познава заложбите на вработените за пренесување на знаењата.

– Поминаа 25 години од идејата за високо образование на Албанците и Универзитетот веќе станува важна алка која продуцира кадри кои придонесуваат за општеството. Горди сме на конкретните резултати и постигнувања и можеме да кажеме дека идејата на иницијаторите е исполнета. Мисијата ќе продолжи и во иднина и силно верувам во одлични резултати.  Државата и понатаму ќе го помага Универзитетот, во тек е изградба на студентскиот дом, а како и сите наставни кадри во наредната година и тука ќе има зголемување на платите, рече министерот Адеми.

Претседателот на Собранието Талат Џафери порача дека иако универзитетите се автономни институции, за нивно функционирање воспоставен е триаголник што се состои од академскиот персонал, студентите и ставката во државниот буџет.

– Улогата на Собранието во овој триаголник, освен што е  значајна во постигнувањето на алокација на што повисоки средства за образованието, значајна е и во делот на законодавството во областа на образованието во сите нивоа. Истото треба да биде прилагодено на потребите на современото време. За донесување на што подобри закони, кои и на терен даваат подобри резултати, ние сме ги отвориле вратите за да го чуеме гласот на сите засегнати страни, истакна собранискиот претседател Џафери.

Универзитетот во Тетово по повод годишнината ја додели титулата почесен доктор на науки на актерот од Албанија, Мируш Кабаши за особен придонес во уметноста.

Свеченоста за одбележување на годишнината заврши со откривање на споменикот „Факелот на сеќавањето“ и статуата на основачот и прв ректор на Универзитетот професор доктор Фадил Сулејмани.

Обележјата се донација на Лазим Дестани, сопственик на компанијата „Еколог“.