Османи: Односите во ЕУ се сложени, но очекуваме позитивен развој на настаните

Секретаријатот за европски прашања денеска во Струга ја одржува годишната конференција „Заедно кон ѕвездите“, на која се врши пресек на досега сработеното во областа на европските интеграции, а ќе бидат отворени и темите поврзани со перспективите и очекувањата од новата Европска Комисија, иницијативите на клучните земји – членки за иднината на Европа, како и можностите на СЕП и воопшто на земјава, за усогласување со новите европски перспективи.

На воведниот дел од конференцијата насловен „Состојбата со Европските интеграции на Република Северна Македонија, предизвиците и можностите по октомврискиот самит на ЕУ” свое обраќање имаше заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Тој односите во самата ЕУ во овој миг ги оцени како доста сложени, но со очекувања за позитивен развој на настаните, преку изнаоѓање начин како земјата да ги отпочне претпристапните преговори за членство во Унијата.

Османи забележа дека самите односи во рамки на ЕУ и натамошната динамика на нејзиното проширување се одвиваат со, како што рече, „далеку помала предвидливост“.

– Земјата беше подготвена за почеток на преговори за членство, Но, беше направена грешка, а сега сите се обидуваат да најдат начини како да се поправи таа грешка. Прво тоа беше францускиот нон-пејпер како писмо со намери, како и вчера објавениот нон-пејпер на девет членки на ЕУ, кој е развивање на француската идеја во подобра насока, имајќи ги предвид нашите укажувања дека има прашања кои ние не можеме да ги прифатиме, рече тој, оценувајќи го тој процес како позитивен развој на ситуацијата.

Османи изрази очекување дека Европската комисија наскоро ќе предложи нова методологија за проширување на ЕУ.

– Ако во февруари имаме вонреден извештај на Комисијата што ќе биде позитивен, тогаш во март можеме да имаме услови за некаква одлука. Меѓутоа, премногу се сложени односите во ЕУ, важно е ние да сме подготвени, ако можеме до тогаш да го донесеме законот за јавно обвинителство, рече Османи.

Што се однесува на препораките на Венецијанската комисија за Законот за јазици, Османи истакна дека истите ќе се применат, со забелешка дека ќе се води сметка неговата имплементација да нема негативни влијанија врз останатите општествени процеси во земјата.

– Во сегашниот Закон за јазици има преодна одредба што дозволува една година за усогласување на легислативата. До април сме во таа преодна одредба, а пет месеци се доволно за изградба на капацитети за да нема никакви реперкусии. Прашањето на исполнување на препораките ќе биде преку акциони планови, но Законот нема да се менува. За Венецијанската комисија не е важно на кој начин, туку дали ќе се постигне целта. Целта ќе се исполни преку изградба на капацитетите, а имплементацијата на Законот само позитивно ќе се одрази врз општествените процеси во државата, оцени Османи.

Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија Ерван Фуере ги поздрави огромните напори што се прават во рамки на ЕУ во насока на отпочнување на претпрестапните преговори.

– Очигледно е дека постојат различни ставови околу тоа, особено кај француската Влада, но Европската комисија отпочна процес на сублимирање на тие различни ставови, позиции, со цел да изготви документ што ќе го презентира на земјите-членки за тоа како треба да течат преговорите. Мислам дека ќе биде предизвик да се постигне консензус по тоа прашање до март, но мораме да работиме најдоцна до јуни формално да започнат претпристапните преговори, рече Фуере.

По однос Законот за јазици Фуере посочи дека секоја легислатива што се однесува на правата на етничките заедници е мошне чувствителен, оттаму важноста внимателно да се пристапува кон препораките на Венецијанската комисија, во насока тоа прашање да не стане предмет на поделби внатре во земјата, особено во овој миг кога сите активности се насочени кон подготовки за почеток на претпристапните преговори.

– Уште еднаш би препорачал внимателно да се разгледаат препораките на Венецијанската комисија, тоа е тело што има соодветни познавања и кредибилитет што треба дса се почитуваат, рече Фуере. 

На годишната конференција на СЕП учествуваа и Џулијан Васал, Заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава и раководител на Оддел за политички прашања, Амер Капетановиќ, Шеф на политичкиот оддел при Советот за Регионална Соработка (RCC), Ерван Фуере, поранешен евроамбасадор во Република Северна Македонија, како и Франсоа Лафонд, и Золтан Марку, советници на ЗПВРСМ Османи делегирани во СЕП соодветно од владите на Франција и Унгарија.

Во своите обраќања, говорниците го поздравија напредокот на земјата, како резултат на посветеноста на Владата, но и работата на СЕП, при што упатија пораки дека во претстојниот период до конечното утврдување на новата методологија треба да продолжи спроведувањето на реформите, бидејќи трансформацијата на општеството согласно стандардите и правилата на ЕУ е значајно за земјава и за подобрување на животниот стандард на граѓаните кои живеат овде, а не за Унијата.